Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо доби зелено светло да се врати во својот тим откако имаше негативен тест на ковид-19, потврди италијанскиот клуб на нивниот веб-сајт.
– Кристијано Роналдо беше на проверка за ковид-19 и резултатот беше негативен. По 19 дена, тој се опорави и веќе не е ограничен за домашна изолација – се вели во соопштението на Јуве, што значи дека тој во недела може да игра против Специја откако пропушти четири меча.
Заразата на Роналдо помина со многу контроверзи, откако тој беше позитивен за време на настапите за португалската репрезентација и се врати во Торино со посебен „амбулантен авион“, влегувајќи во конфликт со министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора. Покрај тоа, против Роналдо има посебна истрага на локалните власти за прекршување на карантинот.
Тој беше во изолација од 13 октомври, враќајќи позитивни тестови на 22 и 27 октомври, а откако не му беше дозволено да настапи при 0:2 поразот од Барселона во ЛШ, тој на Инстаграм напиша „ПЦР е срање“, по што го избриша коментарот.
Дел од обожавателите беа загрижени од изгледот на Роналдо при неговите појавувања на социјалните мрежи, посочувајќи дека е ослабен.