ФОРМУЛА 1
Во Имола нема да има публика
Италијанската влада забрани да присуствуваат гледачи на трката во Формула 1 за големата награда на Емилија Ромања (Италија), на патеката во Имола, која треба да се вози в недела (14.10 ч.). Имола се надеваше дека ќе се дозволи 13.000 гледачи да присуствуваат на трибините, сепак, зголемениот број на случаите со коронавирус низ Италија беше причина италијанската влада да ја донесе оваа непопуларна одлука.
Од Ф1, пак, истакнаа дека ја разбираат и почитуваат одлуката донесена од страна на италијанските власти.
Имола се враќа во Ф1-календарот првпат по 2006 година. Одржани се 27 последователни трки од 1980 година, прво како еднократна трка во Монца, како домаќин на големата награда на Италија, а од 1981 година како втора трка во земјата, како ГН на Сан Марино.
Трката ќе се одржи според планираниот дводневен распоред со само една тренинг-сесија (сабота наутро), пред попладневните квалификации. Г.И.
Од понеделник повторно без гледачи во Бундес-лигата
На фудбалските навивачи во Германија повторно ќе им биде забрането да присуствуваат на натпреварите, како дел од новите мерки за борба против растечките случаи на ковид-19 во земјата. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека тие мерки ќе стапат во сила од понеделник, 2 ноември, пишува „Би-би-си“.
Бундес-лигата беше првата голема европска фудбалска лига што се рестартира во мај, а на навивачите во Германија од средината на септември им беше дозволено да присуствуваат на натпреварите во ограничен број.
Бројката на новозаразени од ковид-19 во Германија во последните 24 часа се зголеми за 14.964 и сега изнесува 464.239.
Германската фудбалска лига (ДФЛ) соопшти дека жали за таквиот потег на Владата, откако клубовите од Бундес-лигата, како и во втората лига, разработија план за заштита на симпатизерите на стадионите, за кој добија одобрение од локалните здравствени власти. Л.Д.