На мечот Јувентус – Барселона (0-2) изостана долго посакуваниот дуел Кристијано Роналдо – Лионел Меси

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Поразот на Јувентус од Барселона беше уште една корисна лекција за тимот што сѐ уште е во фаза на формирање, изјави тренерот на „старата дама“, Андреа Пирло, по натпреварот во Лигата на шампионите (ЛШ) во Торино.
– Овој пораз треба да ни помогне да созрееме. Тоа беше тежок натпревар против тим што знае да игра и е подалеку на патот отколку што сме ние. Јувентус е тим во градба, со играчи што го играа вториот натпревар во ЛШ. Но сите сме желни што побрзо да се подобриме и да играме на исто ниво со екипи како Барселона – истакна по мечот Пирло, пренесува Ројтерс.
Но поради позитивниот трет тест на ковид-19 на Кристијано Роналдо изостана дуелот со Лионел Меси, прв по двегодишна пауза, меѓу двајцата најдобри играчи на генерацијата што ја обележаа минатата деценија, од 2009-та до 2018-та, во Барселона и во Реал. Тоа требаше да биде 36-ти нивни дуел што сега се одложи за реванш-мечот на 8 декември, на „Ноу камп“. Меси, кој му асистираше на Осман Дембеле за првиот гол, го постигна вториот погодок за Барселона во судиското продолжение, од пенал, за него 117-ти во ЛШ, 13 помалку од Роналдо.
Во отсуство на Роналдо, голови се очекуваа од Алваро Мората, кој постигна три, но сите беа поништени од ВАР-судијата поради офсајд. Мората држи еден неславен рекорд со 13 офсајди од почетокот на ланската сезона во ЛШ, најмногу од сите фудбалери!
Меси е поуспешен со 16-те победи на неговиот тим, а Роналдо има 10 триумфи, со вкупно 41 постигнат гол. 


Рекорд на Холанд – 12 гола на 10 меча во елитата

Младиот норвешки интернационалец Ерлинг Холанд (20) на средбата Борусија Дортмунд – Зенит (2-0) го постигна 12-от гол на 10-те одиграни меча во кариерата во ЛШ, за Салцбург и за Борусија, најмногу од сите. По девет гола на првите 10 меча во ЛШ имаат дадено тројца фудбалери, Симоне Инзаги, Садио Мане и Хари Кејн.


Рашфорд е петтата резерва со хет-трик во ЛШ

Маркус Рашфорд (22), напаѓачот на Манчестер јунајтед, постигна хет-трик по влегувањето во игра од клупата за резервисти (на теренот мина 27 минути), во период од 16 минути (од 74-та до 90-та), на средбата против Лајпциг, 5-0, вкупно девет гола за него на 12 дуели сезонава во сите натпреварувања. Рашфорд е вториот играч на Јунајтед што постигнува хет-трик како резервист, по неговиот сегашен тренер Оле Гунар Солскјер, кој во февруари 1999 му даде четири гола на Нотингам форест. Тој е петтиот фудбалер со хет-трик во ЛШ откако влегува во игра од клупата за резервни играчи и втор најмлад по Килијан Мбапе.