Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, ги осуди изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упатени за неговиот француски колега Емануел Макрон.
– Личните напади на Ердоган врз Макрон се неприфатливи – рече Мас, а пренесе „Раша тудеј“.
Министерот потврди дека Берлин е солидарен со Франција по прашањето за борбата против тероризмот и исламскиот екстремизам.
Во исто време, Мас предупреди да не се поврзуваат милиони муслимани кои го почитуваат законот и живеат во Европа со насилни екстремисти и убијци.
– Тоа би било во полза на оние кои сакаат да го поделат нашето општество. Ние нема да го прифатиме тоа – рече Мас.
Макрон на почетокот од месецов најави сеопфатни планови за сузбивање на исламските радикали во Франција, велејќи дека исламот на глобално ниво е во криза поради подемот на фундаменталистите.