Во Албанија има 301 случај на новозаболени од коронавирус, а четворица пациенти починаа, соопштија здравствените власти на таа земја. Во моментот 6.968 случаи се активни во земјата, претежно во Тирана, Драч и во Скадар.
Во последните 24 часа биле тестирани 1.407 лица, а 110.189 од почетокот на пандемијата, пренесува албанскиот портал „Егзит“. Од почетокот на пандемијата, 17.651 лице се разболеле од коронавирусот, а 458 луѓе починале како резултат на вирусот.
Албанскиот премиер, Еди Рама, изјави дека ги презема сите мерки за да се избегне второто затворање на земјата поради вирусот. За време на јавната презентација на мрежата на инспектори, кои ќе ги предупредат граѓаните да носат маски и да ги почитуваат мерките, тој рече дека по секоја цена ќе се обиде да го избегне тоа.
Тој рече дека владата на таа земја има две цели – да спречи ширење на вирусот и да избегне затворање на земјата, од која стравува целиот свет.
– Не сакаме да ја затвориме земјата, не сакаме да им кажуваме на луѓето да останат дома повторно – рече Рама.