Полицискиот час и прогласување на вонредна состојба не се приоритетна мерка, за да не се доведе во прашање работата на компаниите и луѓето да останат без работа, рече доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, претседател на Комисијата за заразни болести, кој денеска информираше за актуелната состојба со ковид-19 во земјава.

Тој порача до граѓаните да се почитуваат мерките, затоа што ако се преполнат болничките капацитети ќе се доведат во прашање ресурите за лекување на болните.

– Не сме ги исцрпеле уште сите мерки за да можеме да размислуваме за полициски час. Но, доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатака. Затоа ве замолувам и медиуми и населние, самите ако не си помогнеме, не можат да ни помогнат уште 500 доктори , 500 сестри и уште 20 болници. Сето тоа ќе се исполни брзо, ако имаме зголемен број, а ние работиме уште од март месец со засилено темпо. Бараме помош од сите, од медиуми, од политички партии, од широкото населние. Зголемување на бројките ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети. Ние можеме да правиме ротации на колегите, меѓутоа тоа се тие луѓе, нивниот број е ограничен. Не по 200, 300 луѓе на ден, можеме да имаме и по 1.000 доколку не почитуваме – порача доктор Караџовски.

Според него, концертите и журките се главната причина за зголемување на бројките во последните три дена, при што на тие настани присутните не носеле маски, а биле во група, без да држат растојание.

Караџовски порача дека овие групирања и прослави не смее да се одржуваат во услови на есенскиот бран кога опасноста за ширење на вирусот е поголема.

– На овие настани никој не носеше маска, тоа го видовме и во медиумите. Од анкетите што ги направивме увидовме дека тоа се луѓе помеѓу 20 и 39 години и ова ни укажува дека тие не биле на домашна свеченост, туку во локал на журка, каде што имало групирање и не се почитувале мерките. Ние уште пред неколку месеци најавивме дека ќе дојде овој есенски бран на ширење на вирусот. Но, би рекол дека кај нас подрани, затоа што временските услови не се такви да имаме групирање во затворен простор. Но, со доаѓањето на сезонскиот грип, оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање во затворен простор , бројката ќе биде поголема. Заради сето ова, Комисијата за заразни болести предложи да се усвојат овие сет мерки, да не се доведеме во полоша ситација – рече Караџовски.

Како што кажа тој, бројките покажуваат дека најмногу заболени има во скопските општини Аердром, Центар, Карпош и Чаир.