Светската здравствена организација (СЗО) смета дека е незамисливо да се дозволи слободно циркулирање на ковид-19 за да се постигне колективен имунитет.
– Никогаш во историјата на јавното здравство не бил користен колективниот имунитет како стратегија за одговор на епидемија, а уште помалку пандемија. Тоа е научно и етички проблематично. Слободно ослободување на опасен вирус, што не го разбираме целосно, е спротивно на етиката. Тоа не е опција.
Огромен број на луѓе во повеќето земји се подложни на зараза со вирусот. Серолошките истражувања сугерираат дека помалку од десет отсто од популацијата е заразена во повеќето земји – рече на прес-конференција генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреизус.
Тој исто така додаде дека не се знае доволно за имунитетот на оние кои биле заразени со ковид-19 и истакна дека некои се заразиле повторно.
– Повеќето луѓе заразени со вирус развиваат имунитет во текот на првите недели, но не знаеме дали станува збор за постојан и силен имунитет или е различен од личност до личност – додаде тој.