Полицијата има механизми и по дома да проверува дали се почитуваат предложените мерки за заштита од ширењето на корнавирусот, рече денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој не откри кои се механизмите и најави дека по седницата на Влада пред јавноста ќе бидат објаснети сите детали за мерките кои ќе бидат усвоени.
– Не би сакал да разговараме за мерки кои не се усвоени на Влада. На седницата ќе ги чуеме мерките и аргументите од здравствените власти. Граѓаните треба да знаат дека полицијата исклучиво ќе ги брани уставните одредби, а неповредливостa на домот е уставна категорија. Тоа е светост и никој не може да го загрози, но ќе има механизми“, рече министерот Спасовски и нагласи дека и сега полицијата прави контроли во домовите каде што има потреба.
Спасовски смета дека во Комисијата за заразни болести не треба да има полицајци, иако тие го контролираат почитувањето на мерките оти не се здравствени стручњаци.
– Апсолутно нема потреба ни јас ни било кој од полиција да биде дел од Комисијата. Што е тоа што ние ќе го понудиме? Комисијата е за науката, за стручните лица. Нивните предлози се разгледуваат на Влада кога сите министри, вклучително и јас, можеме да ги разгледаме и да дискутираме за нив пред да бидат усвоени – рече министерот Спасовски.
Комисијата за заразни болести вчера на Владата ѝ предложи нови ограничувања за заштита од ширењето на коронавирусот. Меѓу нив се забрана на поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, а во едно живеалиште најмногу ќе можат да се примаат четворица гости, покрај лицата кои живеат таму. Ваквите забрани, министерот за здравство Венко Филипче објасни дека доаѓаат откако утврдиле дека сериозен број од новозаболените се од вакви собири.