Комисијата за заразни болести достави предлог-мерки до Владата, поради новите бројки на заразени со коронавирус во земјава.
Новите мерки предвидуваат забрана на семејни собори, најмногу до четворица гости, покрај домашните. Исто така се забранува групирање на јавен простор по 22 часот на повеќе од четири лица.
– Се забранува групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот. Забрана на семејни поголеми прослави во домашни услови, се забранува групирање на слави и собири во групи во домовите. Освен оние кои живеат на адресата, дозволено ќе биде да има најмногу четири гости – најави Филипче.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција рече дека верува оти токму на семејните собири се заразиле голем број луѓе. Исто така напомена дека и младите, преку нивните групирања по домовите или во парковите, го шират вирусот.
Носењето заштитни маски ќе биде задолжително секаде, на отворен и затворен простор, а од ова правило ќе бидат исклучени единствено децата помали од шест години, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што објасни Филипче, носењето маски ќе биде задолжително и во приватен и во јавен превоз. Во приватен автомобил не мора да носат маски ако лицата што се возат се од исто семејство.
Филипче истакна и дека не погрешиле што ја започнале школската година со онлајн настава, зашто, како што објасни, повеќепати кажале дека на есен нè очекува зголемување на бројот на инфекции. Тој рече дека состојбата кај нас иако е стабилна, може лесно да ескалира.