Авторка: Џина Меклафлин
Јаху њуз
ЦИА одамна ја следи здравствената состојба подеднакво на сојузниците, на противниците и на нивните лидери, како што тврдат двајца поранешни оперативни разузнавачи од ЦИА за „Јаху њуз“. Тука биле вклучени поранешни оперативни разузнавачи кои регрутирале извори за да споделуваат и испраќаат медицински информации во САД, а тие исто така опфаќале и лидерски анализи. Агенцијата дури и поседува „ризична листа“ за најголемите здравствени ризици за десетте најважни странски функционери „чија здравствена состојба претставува голем проблем за националната безбедност на САД“, како што посочи еден разузнавач од ЦИА. Сепак, откако претседателот Трамп соопшти дека е позитивен на коронавирусот, сега САД се во центарот на вниманието, особено со оглед на недостигот на медицински детали објавени во јавноста. Многу е веројатно дека странските шпиони барале информации за здравјето на претседателот кој е во осмата деценија од животот. Како што наближуваат американските претседателски избори во кои двајцата кандидати имаат над 70 години, странските држави размислуваат за истите прашања.
– Разузнавачките служби отсекогаш прибирале информации за странските лидери за да бидат информирани за нивната здравствена состојба во однос на нивни наследници и способноста да носат одлуки. Дали некој од лидерите е во добра здравствена состојба? Дали лидерот бил посебно наместен за време на фотографирањата? Дали лидерот навистина издава наредби? Дали лидерот има некакви здравствени проблеми? Нашата задача е секогаш да известуваме и да собираме податоци за тоа – во телефонско интервју за „Јаху њуз“ истакна Даглас Лондон, 34-годишен ветеран во тајната служба на ЦИА, кој сеа е вонреден професор на универзитетот „Џорџтаун“.
Честопати, првиот чекор на шпионот за добивање вакви информации е да стекне пристап, како што објасни Лондон, преку човечки извор, на пример пријател, член на семејството, медицинско лице или болнички персонал или преку технички пристап до медицинските картони или здравствениот систем. Џон Сајфер, поранешен оперативен разузнавач во ЦИА и коосоновач на „Спајкрафт ентертеинмент“, вели дека странски функционер кој патува надвор од државата им дава можност на разузнавачите да добијат биолошки податоци. Американскиот претседател патува со голема придружба, но многу други странски функционери не уживаат во овие ресурси, истакнува тој. На пример, кога странскиот државник кога во посета на Обединетите Нации може да му даде шанса на шпионот да земе примерок на ДНК од облеката или од некаква телесна течност, вели тој.
Еден од најпознатите примери како ЦИА стигнала до здравствени информации вклучува лажната акција за вакцинација со цел да се дојде до примероци на ДНК од семејството на Осама бин Ладен. Лажните напори за вакцинација во Аботабад ги нарушија односите меѓу САД и Пакистан и беа обвинети за повреда на легитимните здравствени програми. Сепак, ваквата операција е исклучок од стандардниот процес, како што смета Марк Полимеропулос, разузнавач во ЦИА кој се пензионираше лани по 26 години во службата.
– Секоја разузнавачка служба има своја оперативна директива. Една од нив ќе биде насочена кон здравјето на лидерството. Никогаш не би сакале да се најдете во позиција да бидете неподготвени – вели Полимеропулос.
Тој објасни дека воопшто не е тешко регрутирањето на извори за ЦИА кога некој странски лидер се наоѓа во некаква медицинска институција. Вработените во болниците, како „службеници, администрација и хигиеничари“ воопшто нема да бидат сомнителни за разлика од некој владин претставник, а убедувањето е многу полесно, вели тој.
– Ние не ги бараме доверливите информации директно, туку велиме дека треба да знаеме за доброто на светот – посочи Полимеропулос.
Една од најголемите предности на американските разузнавачки агенции кога следат медицински информации за странски лидери е што тие лидери, ако потекнуваат од помалку развиена земја, често пати патуваат во западните земји поради некаков медицински третман. Еден поранешен аналитичар во ЦИА, кој правел анализи на странски лидери кои сакаа да останат анонимни, истакна дека „многу од овие лица во одреден период се обратиле кај западни лекари, а токму тие лекари биле изворот на информации“. На пример, САД успеаја да добијат примерок од крвта на Садам Хусеин од неговото лекување во Европа, како што истакнува изворот.
Сепак, потрагата на ЦИА по здравствени информации, без разлика колку е креативна, не секогаш завршува успешно. Еден поранешен разузнавач во ЦИА кој побара да остане анонимен рече дека „агенцијата досега постигнала мешан успех“. Странските лидери, особено во автократските држави, често пати ја кријат болеста и во секоја прилика ја покажуваат нивната сила, објаснуваат поранешни разузнавачи од ЦИА. Понекогаш агенцијата мора да се потпира на фотографии и видео-снимки за да бара знаци на болест. Поранешен разузнавач во ЦИА, кој побара да остане анонимен, работел на анализа на фотографии од Ким Јонг-ил од неговите инспекции на фабрики, и се консултирал со медицински лица од агенцијата околу начинот на кој Ким се потпирал со раката на помошната масичка и притоа ја истакнувал страната од телото која не била погодена од мозочниот удар. Поранешниот разузнавач исто така проучувал видео-снимки на Фидел Кастро кој паднал додека делел медали на воена церемонија, што „укажува дека имал некаков проблем“.