Репрезентациите на Хрватска и на Франција денеска во Москва ќе играат во финалето на Светското фудбалско првенство.
Франција во мечот влегува како фаворит, и поради позвучните имиња, и поради поодморените фудбалери, за разлика од хрватските кои до финалето одиграа три натпревари на продолженија.
Сепак, „коцкестите“ најавија реванш за поразот од „триколорите“ на СП 1998 кога Франција беше домаќин и победи во меѓусебниот дуел во полуфиналето, а подоцно стана и шампион.
– Не ме интересира статистиката и не ми е грижа со кого играме. Стигнавме до финале и ќе дадеме сè од себе. Целиот свет ја гледа Хрватска и мнозинството навива за нас. Одиме да одиграме „фајтерски“ – изјави селекторот Златко Далиќ.
Од друга страна, Франција ја „брка“ втората титула светски првак.
– Пред две години во финалето на ЕП загубивме од Португалија, но тогаш имавме поинаков пристап. Финалето на Мундијалот е единствено искуство и екипите имаат различен пристап. Три збора се доволни – позитивност, концентрација и самодоверба – изјави францускиот селектор Дидие Дешан.
Натпреварот кој ќе го даде новиот светски шампион ќе се игра на „Лужники“ во Москва со почеток во 17 часот по македонско време.