Еден од најголемите скелети на тираносаурус, или Т-рекс, наречен Стен, по палеонтологот што прв ги открил неговите коски, наскоро ќе биде пуштен во продажба. Овој диносаурус живеел на Земјата пред околу 67 милиони години. Неговиот скелет ќе биде ставен на аукција во њујоршката куќа „Кристис“ на 6 октомври годинава, со проценета вредност од шест до осум милиони долари.
Во последните две децении, Стен беше сместен во институтот „Блек Хилс“ во Јужна Дакота, каде што беше истражуван од голем број палеонтолози. Ова истражување резултира со мноштво корисни материјали за животот на тираносаурусите.
Стан е висок речиси четири метри и долг 12 метри, тој се состои од вкупно 188 коски, што го прави еден од најголемите и најцелосните скелети на тираносауруси во светот, пишува „Си-ен-ен“.
Првите коски на Стен ги пронашол американскиот палеонтолог Стен Сакрисон во 1987 година, во Хел Крик, област што се протега низ делови на Монтана, Северна и Јужна Дакота и Вајоминг. Првично, неговите коски по грешка биле идентификувани како трицератопски коски, сè додека во 1992 година не беше откриено нивното вистинско потекло.
На научниците им требале повеќе од 30.000 часа рачна работа за да го обноват скелетот и по тој повод откриле дека Стен имал скршен врат за време на неговиот живот. Исто така, биле забележани и знаци на убод на черепот и едното ребро, кои може да ги предизвикал друг тираносаурус.