По интригантната најава за серијата „Третиот ден“, чија премиера требаше да се одржи во мај годинава, уникатното телевизиско искуство е достапно на стриминг-платформата на Ејч-би-о. Креаторот на серијата „Утопија“, Денис Кели, нè носи на бизарно викенд-патување, во посета на мистериозен остров крај британскиот брег, каде што бесот, тагата и болката не знаат за време.
Приказната е сместена на мистериозниот остров наречен Осеа. Тоа е изолиран дел од копното во морето, место каде што новодојденците генерално не поминуваат без последици, бидејќи неговите жители прават сè за да ги зачуваат своите тајни и обичаи. Лимитираната серија има шест епизоди и е поделена на два дела – „Лето“ и „Зима“.
„Лето“ се состои од три педесетминутни епизоди, кои ја носат приказната за Сем (Џад Лоу). Него го привлекува мистериозниот британски остров, каде што под будното око на локалното население традицијата е зачувана по секоја цена, што е најочигледно во подготовката на претстојниот локален фестивал што се одржува секоја година. „Зима“ се одвива во последните три епизоди. Наоми Харис (номинирана за „оскар“ за улогата во „Месечината“) ја глуми Хелен, бунтовна, но решителна аутсајдерка. Таа доаѓа на островот во потрага по одговори, но нејзиното доаѓање многу ќе влијае на судбината на Сем.
Актерската екипа на овој психолошки трилер со елементи на фикција, покрај Џад Лоу и Наоми Харис, ја сочинуваат Кетрин Вотерстон и Емили Вотсон, која последен пат ја видовме во забележителната улога на научник во серијата „Чернобил“. Сценариото е напишано од Денис Кели, а режисери се Филипа Лоуторп и Марк Мунден.