Европскиот парламент усвои резолуција со која се бараат дополнителни санкции против Русија во врска со наводното труење на Алексеј Навални минатиот месец, пренесува „Спутник“.
Резолуцијата предвидува итна меѓународна истрага за ситуацијата околу опозициската фигура со учество на ЕУ, ОН, Европскиот совет и Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Најавата доаѓа во период кога Европскиот парламент го одржа последниот ден на пленарната седница на која требаше да се гласа за ситуацијата околу Навални и за немирите во Белорусија.
Во нацрт-резолуцијата, издадена ден претходно, пратениците повикаа на ревизија на односите на ЕУ со Русија и продолжување на нејзината изолација на меѓународните форуми. Имаше и повици да се прекине проектот за гасоводот „Северен поток 2“.
На 20 август, Навални се разболе за време на домашен руски лет. Првично беше лекуван во сибирскиот град Омск, каде што авионот мораше итно да слета. Два дена подоцна, откако лекарите утврдиле дека тој е способен за прекуграничен воздушен транспорт, Навални беше пренесен во болницата „Шарите“ во Германија за понатамошно лекување.
Подоцна, германската влада соопшти дека лекарите откриле траги од нервен агенс од групата „новичок“ во неговиот систем. Москва укажа на недостигот од докази во тврдењата на Берлин и напомена дека руските лекари не откриле токсични материи во Навални.
Наводното труење на Навални поттикна многу европски официјални лица да повикаат на воведување дополнителни санкции кон Русија. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Москва ќе одговори реципрочно ако западните земји воведат нови санкции за случајот Навални.