Компанија со четворица вработени, чии канцеларии се наоѓаат во стан во селото Тодингтон, на околу 70 километри северно од Лондон тврди дека развила тест за откривање на коронавирус преку плунката за кој се потребни 20 секунди, пишува „Фајненшл тајмс“.
Ако тестот е успешен тој би можел да понуди излез од корона-кризата и да се докаже како успех на досетливоста на човек без формално научно образование. Но раниот оптимизам исто така покажува очајничка потреба за „сребрен куршум“ (израз за едноставно и наизглед магично решение за комплексен проблем – н.з.).
Тестот „Вироленс“ беше претставен минатата недела од страна на непознатата британска компанија „Ајабра“. За спроведување на тестот се зема брис од уста, кој потоа се става во црна кутија. Според „Ајабра“ во кутијата има дигитална камера приклучена за микроскоп која може да го испита примерокот и да открие дали содржи ковид-19. Таа ги прикажува резултатите за неколку секунди. Направата е произведена во Хартлпул од страна на „Ти-ти електроникс“ која е проценета на 439 милиони фунти откако цената на нејзините акции порасна за 40 отсто по објавата на пронајдокот. Аеродромот „Хитроу“ и американската софтверска компанија „Лидос“ беа наведени како први клиенти за тестот. Но, „Хитроу“ и „Лидос“ истакнаа дека уште не направиле нарачки. „Хитроу“ соопшти и дека немал увид во прецизноста на тестот, кој е еден од трите такви методи што беа пробно користени на аеродромот во изминатите неколку недели.
Грег Комптон, 33-годишниот извршен директор на „Ајабра“ и водечки архитект за осмислувањето на тестот, кажа дека има голема побарувачка за пронајдокот од страна на универзитетите во САД, како и дека тестот е „значителен чекор напред во борбата против ковид-19“.
Згора, Комптон, тврдеше дека му се потребни „десет вирални честички за примерокот да покаже резултат“, како и дека „до крајот на јануари ќе можат месечно да ги тестираат сите во Европа“.
Комптон го напуштил школувањето на 17-годишна возраст и има искуство од неколку ИТ-компании, додека ниту еден од вработените во компанијата нема експертиза за вируси или микроскопија, иако еден од нив има докторат по физика.
– Засега „Ајабра“ не делува како компанија која може да испорача таков производ. Пред „Ајабра“ да го смени светот, таа треба да ја докаже доверливоста на производот, кој уште не добил надорешна регулаторна процена. Не делува ниту дека има надзор врз податоците со кои компанијата тврди дека тестот е прецизен – пишува „Фајненшл тајмс“.
Уште е нејасно како „Ајабра“ ја одредува прецизноста на тестовите, со што Комптон истакна дека следната објава ќе биде за деталите поврзани со тестирањата. Во првичното соопштение се тврди дека „Вироленс“ има осетливост од 99,8 отсто и специфичност од 96,7 отсто, врз основа на резултатите од интерна студија за процена, осмислена од универзитетот на Бристол. Но, академиците на универзитетот кажаа дека не биле вклучени во никаква студија за процена на тестовите и се пожалија за објавата на соопштението. Виролог од универзитетот само и дал примероци на ковид-19 на компанијата.
Бројни научниците досега изразија загриженост поради опасностите од претставувањето на тестирањата за ковид-19 пред да бидат соодветно оценети. Извесно е дека „Ајабра“ допрва ќе треба да ја докаже успешноста на нејзиниот тест и да стекне доверба.