Зачестените предлози балканските држави да ја добиваат Нобеловата наградата за мир се само уште една потврда дека овој простор сѐ уште се наоѓа во „нестабилна“ состојба. Прашањето е колку со секој нов договор се гради долгорочна доверба меѓу соседите, а колку самата номинација се користи само како начин за политичка промоција на главните политички актери од овие простори
Државите од земјите од Западен Балкан повторно се во „трка“ за добивање на престижната Нобелова награда за мир! По последното номинирање на потписниците на Преспанскиот договор, нови кандидати од Балканот се учесниците на трите држави при постигнувањето на т.н. Вашингтонски договор, чија иницијална цел е економско поврзување меѓу Србија и Косово. Зачестените предлози за добивање на наградата за мир се само уште една потврда дека балканскиот простор сѐ уште се наоѓа во „нестабилна“ состојба, а секој мал чекор направен во правец кон трајно стабилизирање се доживува како историски. Прашањето што се јавува по ова е колку со некој договор се постигнуваат реални основи за градење на долгорочната доверба меѓу соседите, а колку самата номинација за Нобелова награда за мир се користи само како начин за политичка промоција на главните актери во овие договори.
Шведскиот пратеник Магнус Јакобсон поднесе иницијатива за номинирање на САД, Србија и Косово за Нобелова награда за мир. Повод за ова беше потпишувањето на Вашингтонскиот договор меѓу Белград и Приштина за нормализација на економските односи, што се смета за трасирање на патот за постигнување мировен договор меѓу двете страни.
– Трговијата и комуникацијата се некои од најважните столбови за преминување од „студен во топол мир“. По завршувањето на војната, беше тешко да се најде начин што води кон помирување што се гледа и во односите меѓу Србија и Косово. Поради тоа е многу важно да се види како претседателот Доналд Трамп и неговата администрација, заедно со владите на Косово и на Србија, напредуваат во преговорите за нормализација на економските односи – напиша Јакобсон во предлогот што е доставен до Шведската академија на науките што ја доделува Нобеловата награда, пренесува „Танјуг“.
Влијателниот колумнист во Израел, Мајкл Фројнд, во весникот „Ерусалим пост“ во текстот посветен на можноста за признавање на независноста на Косово, вели дека „Израел ја прави најголемата балканска грешка“, со која ги поткопува сопствените национални интереси на еврејската држава. Израел попушти пред американскиот притисок, а со тоа ги поткопа и српско-еврејските односи и се вмеша таму каде што не му е место, заклучува Фројнд.
Договорот постигнат во Белата куќа наиде на остри реакции и во Србија и Косово.
– Ова не е ни прва, но ни последна целосно неоснована номинација за Нобелова награда за мир. Овој договор не може да се третира како историски, освен по својата оригиналност, затоа што во историјата на дипломатијата не постои сличен документ. Номинацијата е оригинална по тоа што претседателот на Србија нема надлежност, ни овластувања за потпишување таков документ – вели Зоран Лутовац, претседателот на Демократската партија, во изјава за „Данас“.
За Борис Тадиќ, пак, договорот во Вашингтон претставува „мал имплицитен акт за признавање на Косово“. Со негативни реакции се јави и Албин Курти, лидер на Самоопределување, водечката опозициска партија на Косово, кој побара „апсење на тие што учествуваа во потпишувањето и кои го поддржа договорот со Србија“.
Како ќе помине оваа нова балканска номинација за „нобел“, останува да се види во наредниот период. Но неизбежен е впечатокот дека во Србија се гради истата атмосфера како и во случајот со Македонија, по потпишување на Преспанскиот договор, кој исто така беше прогласен за историски, но наиде на „отпор“ кај граѓаните и кај партиите од опозицијата.
Зоран Заев и Алексис Ципрас, премиерите на Македонија и на Грција, во декември 2018 г., официјално беа номинирани за Нобеловата награда за мир за 2019 година за договорот од Преспа, со кој се очекуваше да биде надминат дводеценискиот спор за името. Номинацијата на двајцата балкански лидери во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.
Нобеловката Бушамауи рече дека договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, да преговараат и да постигнат договор. Нобеловата награда за мир, за која беа номинирани Зоран Заев и Алексис Ципрас, ја доби премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, за напорите да се воспостават мир и меѓународна соработка помеѓу Етиопија и Еритреја, со што беше ставен крај на долгогодишниот граничен конфликт. Ахмед јасно изрази желба дека сака да ги продолжи мировните разговори со Еритреја. Важен чекор беше неговата волја да ја прифати арбитражната одлука на меѓународната гранична комисија од 2002 година, соопшти Нобеловиот комитет, во октомври 2019 година.