Во годините што следуваат домашниот туризам ќе биде соочен со голем број предизвици, а тоа неминовно ќе доведе до затворање на голем дел компании што работат во овој сектор
Домашните туристички капацитети и во септември и во октомври, последните месеци од летната сезона, во најголем дел се релативно полни, и покрај исклучително тешката сезона, која живееше под превезот на пандемијата. Но токму поради коронавирусот економската заработка од оваа година е ставена под знак прашалник, објаснуваат туристичките работници.
Дончо Нацев, директор на туристичката агенција „Арбо травел“, во свој осврт на случувањата вели дека, како што изминува летната туристичка сезона, овој економски сектор иако ги исполни капацитетите во туристичките дестинации во Охрид, Дојран, Преспа, Струга, Крушево, Маврово, Берово, сѐ уште ги брои високите штети нанесени од функционирањето на животот за време на пандемијата на вирусот.
Нацев вели дека поради недоаѓањето на странски гости, туризмот во Македонија претрпе неповратни штети, но колкави ќе бидат крајните бројки од тоа ќе се знае на крајот од септември или во октомври, кога практично и ќе заврши сезоната и ќе се извршат неопходните анализи.
Според Нацев, затворените граници влијаеја домашните туристи да ги посетат во поголем број туристичките дестинации по должината на охридско-струшкото крајбрежје, како и некои други домашни туристички места и манастирски комплекси Меѓутоа тешко е да се каже колку домашните туристи може да ја надоместат штетата, бидејќи платежната способност на домашните туристи тешко може да се спореди со онаа на туристите од странство.
– Во една ваква констелација на односите, поради голем број фактори, од економски до државни и политички, можам да заклучам дека помали последици од ваквиот развој на односите претрпеа хотелиерите, а поголемите штети се отсликаа на работењето на туристичките агенции – вели Нацев.
Тој вели дека, според процените на неговата компанија, но и на бизнис-советниците од странство, овој сектор во Македонија би можел да застане на нозе дури во 2022 година, кога туристичките агенции би ги „вртеле“ парите како во времето од 2019 година пред пандемијата.
– Колку за споредба, во нашата агенција само поради пандемијата годинава ни откажаа аранжмани околу 55.000 туристи, од кои најголем дел беа странски, кои доаѓаат од Австрија, Германија, Швајцарија, Шпанија. Оттука може да се разбере колку ќе биде тешко за туристичкиот сектор да ја преживее оваа година – резимира тој.
Во своја изјава за новинарите Крсте Блажевски од Асоцијацијата на хотелиери вели дека секако домашните туристи ја намалија штетата на туризмот оваа година, но тоа не е доволно. Тој посочува дека за над 90 проценти е намален бројот на странски туристи, со оглед дека мерките против ширење на коронавирусот ги запреа меѓународните патувања, а единствени гости од странство беа посетители од дијаспората и во помал број од регионот, единствено од Србија и од Албанија.
Во меѓувреме, според Државниот завод за статистика, за првиот квартал од годината вкупниот пад од приливот од туризмот во државната каса е 34,38 проценти.
Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија неодамна информираа дека засега имаат податоци за првата половина од 2020 година.
– Според Државниот завод за статистика, падот во приливот во туризмот е 34,38 проценти. Во првата половина лани сме имале 153,89 милиони долари, а во 2020-та за овој период 100 милиони и 98 илјади долари. Вториот квартал и не го работевме. Се надеваме во третиот квартал да влеземе во кондиција како во 2019-та. Според наша процена, за 2020-та очекувам вкупниот пад да биде меѓу 30 и 40 проценти во туризмот, односно приливот од туризмот во државната каса да биде меѓу 250 и 300 милиони долари – информираа оттаму.
Економскиот аналитичар Мартин Јовановски анализира дека домашниот туризам во годините што следуваат ќе биде соочен со голем број предизвици, а тоа неминовно ќе доведе до затворање на голем дел компании што работат во овој сектор. Јовановски овој свој аргумент го темели врз евидентниот недостиг од прилив на девизи од странските туристи и кон непостоењето на цврста стратегија од државата за заштита на нашата економија во услови кога допрва ќе треба да се соочиме со економските последици од пандемијата.