Само доколку Европа може сама да се справи со кризите во нејзиното соседство, таа ќе остане атрактивен сојузник за САД, смета германскиот министер за надворешни работи

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во понеделникот присуствуваше на францускиот амбасадорски состанок во Париз, откако претходно Европската Унија (ЕУ) се бореше да најде заеднички пристап за кризата во нејзиното соседство, како што пренесува „Еурактив“.
– Европскиот суверенитет никогаш не значел „Европа на прво место“ – истакна тој на состанокот.
Обраќајќи се заедно со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан во Париз, Мас порача дека ЕУ се темели на ставовите дека мора да постои меѓународна соработка и токму затоа блокот не треба да ја присвои политиката „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој додаде дека главните предизвици како пандемијата, климатските промени, дигитализацијата и доселувањето може само да се решат со меѓугранична соработка. Сепак, Мас истакна дека ова не значи дека Европа треба да се оттргне од трансатлантската алијанса.

– Токму поради ваквата свесност, мултилатерализмот е камен-темелник на европската надворешна политика – порача Мас во својот говор.
ЕУ мора да биде поприсутна на политичката сцена откако САД почнаа да се повлекуваат од меѓународните организации и договори и поради однесувањето на Кина или на Русија во мултилатералните организации, што силно ќе се одрази во сите односи, како што смета тој.
– Само доколку Европа има капацитет да се справи со кризите во своето соседство, таа ќе остане атрактивен сојузник на САД – изјави Мас.
Мас исто така додаде дека постои недоверба во односите со Русија, која мора „повеќе да придонесе во разјаснувањето“ на случајот со Навални. Германскиот министер за надворешни работи исто така предупреди дека повеќе држави треба да се вклучат во надворешната политика на ЕУ и додаде дека Италија, Шпанија или Полска треба да преземат поголема одговорност, како што соопшти „Еурактив“.

Тој смета дека државите од Вишеградската група, балтичките и медитеранските земји или Холандија заедно со Скандинавците треба исто така да го заземат своето место во она што главниот европски дипломат Жозеп Борел го нарекува „европски тим“.