Еден месец по страотната експлозија во Бејрут, либанските спасувачи, пребарувајќи ги урнатините во една станбена област, воочиле знаци на живот под еден ѕид. Ова го изјавил еден од спасувачите, Еди Битар.
– Овие знаци на дишење и пулс, заедно со сензорот за температура укажуваат на тоа дека постои можност дека некој е жив – рекол Битар.
Државните медиуми претходно пренесоа дека спасувачки тим, со куче за спасување, воочил движење под урнатините на една зграда во областа Гемајзе во Бејрут, една од најтешко погодените области.
Во експлозијата во главниот град на Либан, што се случи на 4 август, загинаа околу 180 луѓе, додека околу шест илјади се повредени.
Засега сѐ уште не се знае што го предизвика пожарот кој запали речиси три илјади тони амониум-нитрат во магацин во пристаништето во Бејрут.