Општината Битола на барање на битолската јавност денеска ги објави средствата кои ги издвои за спонзорирање на неколкуте културни и музички настани што се
одржаа во изминатите денови, како и на тие кои ќе се одржат наскоро. Според извештајот за неколкуте културни настани и концерти Општина Битола издвоила вкупно 3.769.000 денари.
Од општинскиот буџет на Битола најмногу средства добиле продукцијата „Авалон“,
која за трите концерти на Амира Медуњанин, Дарко Рундек, Жељко Бебек на „Хераклеја“ добила 600.000 денари и фестивалот „Битола отворен град“, кој треба да стартува деновиве, а кој исто така доби 600.000 денари, па концертот на Петар Грашо со 500.000 денари.
Од другите културни и музички манифестации, средства од општинската каса добиле: Камерениот оркестар (150.000 денари), Локум фест (120.000), Илинденски
денови (200.000), Џез фестивал (100.000), Фестивал на музика и вино (300.000),
Тра-ла-ла со камерен оркестар (150.000), Незаборав, електронска верзија, (156.000), одбележување на денот на младите (120.000), Триста работи, (28.000), ИФФК Браќа Манаки (220.000), Мал битолски Монмартр (150.000) и Одбележување на 60 години Македонско научно друштво Битола (375.000).
Во извештајот на Општината не се нагласува по кои критериуми се доделени средствата и кога беше објавен конкурсот за помагање на културните и музичките настани, во време на пандемија. М.М.