Америка и Русија доминираат во светскиот извоз на воена техника
Глобалната економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 не да го намалува извозот на оружје на големите светски извозници на воена опрема. Имено, руската државна компанија за увоз и извоз на воени технологии „Рособоронекспорт“ во текот на првата половина на 2020 година потпиша договори во вредност од повеќе од пет милијарди долари за продажба на оружје. Како што јавуваат руските медиуми, најголемиот извоз на Русија во последниот период е остварен во земјите на азиско-тихоокеанскиот регион, Блискиот Исток и Северна Африка. Според новинската агенција ТАСС, Русија планира и годинава, покрај економскиот застој предизвикан од ковид-19, да оствари обем на извоз на оружје, воена и специјална техника во висина од околу 13 милијарди американски долари.
Ова, впрочем, во интервју за интернет-порталот ТАСС го изјави генералниот директор на „Рособоронекспорт“, Александар Михеев. Сепак, и покрај ваквите енормни суми од извозот на оружје, Москва е втора на листата на најголеми светски извозници на воена техника во светот. Ова, меѓу другото, го покажуваат податоците од извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), кој е објавен неодамна. Во последната анализа за состојбата со трговијата со оружје се забележува дека во периодот од 2015 до почетокот на 2020 година обемот на трговијата на светско ниво е зголемен за 5,5 отсто, во споредба со изминатиот петгодишен период од 2010 до 2014 година. Така, според документот, американската продажба на оружје во изминатиот период бележела раст како резултат на одобрувањето за продажба на хеликоптерите од типот „апачи“ на американскиот Стејт департмент на Индија, во вредност од 1,21 милијарда долари, како и со склучувањето договори за набавка на ракетниот систем „патриот“ со Полска и со Романија, но и другата воена техника на Саудиска Арабија.
– Во периодот помеѓу 2010 и 2014 година, но и од 2015 до почетокот на 2020 година, извозот на оружје од САД порасна за 23 отсто, зголемувајќи го нивниот удел во вкупниот глобален извоз на оружје на 36 отсто. Во периодот од 2015 до почетокот на 2020 година, вкупниот извоз на оружје од САД беше за 76 отсто поголем од извозот на вториот најголем извозник на оружје во светот, Русија. Воената опрема од САД се продаде во вкупно 96 земји низ светот, при што половина од државите се лоцирани на Блискиот Исток – пишува во извештајот на институтот од Стокхолм.
Дополнително е интересно тоа што Меѓународниот институт за истражување на мирот забележува дека француската продажба на оружје во периодов е зголемена и го достигна своето највисоко ниво уште од периодот во 1990-тите. Сега, според институтот во Стокхолм, Франција е трет најголем извозник на воена опрема во светски рамки, со вкупно 7,9 отсто од пазарот.
Турција напредува во глобалната индустрија за оружје
Покрај светската доминација на Америка и Русија во областа на глобалната индустрија за оружје, Турција се наоѓа меѓу земјите што во последните неколку години значајно напредуваа во истата област на глобалната сцена. Имено, според извештајот што го поднесе институтот за истражување на мирот од Стокхолм, турските компании за оружје во последните две години забележале раст од 24 отсто, а компаниите АСЕЛСАН и турската индустрија за воздухопловство и вселена се најдоа меѓу првите сто компании во светот.
Питер Веземан, истражувач од програмата за расходи за оружје и војници на СИПРИ, неодамна истакна дека тоа е значаен скок, кој го отсликува развојот на индустријата за оружје во таа земја, за да биде помалку зависена од странските снабдувачи и да даде одговор на зголемената побарувачка на оружје. Инаку, Русија неодамна соопшти дека е завршена првата испорака на оружје на Турција, а станува збор за противвоздушниот ракетен систем С-400 „триумф“. Вредноста на договорот е 2,5 милијарди долари, кој е првиот голем договор што Москва го склучила со држава-членка на НАТО.