Еленче Ташкоска е нов претседател на Советот на општина Прилеп. Таа
беше избрана на денешната 46 седница, на која беше одлучувано по 49 прашања
од интерес на граѓаните. Ташкоска на местото претседател на општинскиот совет
во Прилеп дојде по изборот на досегашниот Миле Талевски за пратеник. Денеска
им беше верификуван советничкиот мандат на Александар Чапкуноски од СДСМ
и Кирил Ѓорѓиоски од ВМРО-ДПМНЕ, кои доаѓаат на местата на избраните
пратеници Талевски и Петар Ристески.

Новата претседателка Елена Ташкоска, рече дека ѝ претставува голема чест, но
истовремено и обврска што од денеска ќе го предводи прилепскиот Совет.

– Ова е голема одговорност пред граѓаните. Советот треба да биде место каде ќе
се носат одлуки кои ќе го подобруваат животот на граѓаните. Во таа насока на 46
седница беа разгледани 49 точки, кои што беа со цел подобрување на животот на
граѓаните на општина Прилеп – изјави Ташкоска.

На денешната седница, советниците дадоа согласност за Годишните планови за
вработување во 2021 година на основните и средните училшта, како и на
музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“.

Зелено светло добија и тримсечните извештаи за финансиското работење на
јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Комуналец“ и „Пазари“, како и
Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Членовите на општинскиот Совет ја усвоија Програмата за измена и дополнување
на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина
Прилеп за 2020 година, а на 110 здруженија на граѓани, фондации и спортски
клубови, им доделија финансиски средства согласно објавениот јавен повик.

Ка.М.