Матичните доктори велат дека навалица од пациенти има за различни прегледи, од проверка на тироидна жлезда, до операции на кила или зглобови и колена. Сепак, според докторите, по оваа одлука на властите постои опасност да се зголеми фреквенцијата на пациентите низ поликлиниките, здравствените домови и болниците, а со тоа и ризикот од ширење на коронавирусот во болничките установи
ПО ШЕСТМЕСЕЧНОТО ОДЛОЖУВАЊЕ ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА
Матичните лекари изминатите денови регистрирале драстичен пораст на барања од пациенти за специјалистички прегледи преку системот „Мој термин“. Најмногу интерес за прегледи имаат оние со хронични болести, кои ги одложувале редовните контроли поради опасноста од ширење на коронавирусот во здравствените институции, но и поради тоа што изминатиот период приоритет им се даваше на итните случаи.
Многу од пациентите бараат и термини за да им бидат извршени полесни оперативни зафати, чие дополнително одложување би можело да им ја влоши состојбата. Тие велат дека од почетокот на годината, пред да почне епидемијата на коронавирусот во земјата, биле ставени на листа за операции на одредена клиника, но сите здравствени ресурси биле насочени кон пациентите заболени од вирусот.
На чекање од почетокот на годинава
– За нас со некакви хронични проблеми се одложуваат интервенциите. И сега не знаеме кога би бил првиот термин што би можеле да го закажеме за специјалистички преглед. Колку ќе може сите заостанати прегледи веднаш да бидат ставени во процедура – прашува скопјанката Веста Т.
Здравствените власти најавија дека од први септември годинава ќе се врати здравствениот систем во нормала, односно ќе може редовно да се закажуваат прегледи преку системот „Мој термин“.
Матичните доктори велат дека навалица од пациенти има за различни прегледи, од проверка на тироидна жлезда, до операции на кила или зглобови и колена.
Сепак, според докторите, по оваа одлука на властите, постои опасност да се зголеми фреквенцијата на пациентите низ поликлиниките, здравствените домови и болниците, а со тоа и да се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот во болничките установи.
Пациентите почнаа интензивно да се јавуваат
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични доктори, вели дека метежот што се создава изминатите денови е разбирлив, зашто пациентите си имаат мака и здравјето и болестите не можат да чекаат.
– Пациентите почнаа интензивно да се јавуваат и да бараат да им се закаже термин кај специјалист. Термините сѐ уште не се отворени за закажување, чекаме да се случи тоа наскоро во следните денови. Одредени пациенти не веруваат во нашето кажување, па често доаѓаат во ординација лично да се уверат. За таа цел, правиме списоци со приоритетни пациенти. Не знам колку здравствениот систем ќе има капацитет да ги услужи сите во првиот месец, но останува да видиме како ќе се одвива овој прв бран – посочува Чолакова-Дервишова.
Почитување на протоколите за заштита од коронавирусот
Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена посочи дека сега, откако се почнати закажувањата прегледи преку системот „Мој термин“, пациентите што ќе одат во здравствени установи мора да ги почитуваат протоколите за заштита од вирусот.
– Во установата ќе влезат 15 минути пред почетокот на прегледот, а со нив може да има само уште едно лице. Приоритет при закажување ќе имаат оние чии прегледи биле откажани периодов – нагласи Филипче.
Изминатиот период во земјава се вршеа оперативни зафати само на пациенти кај кои состојбата е од животозагрозувачки карактер, каде што е потребна итна интервенција или, пак, постои малигно заболување.