Да се сретне волшебник во долга црна облека со шилеста шапка е вообичена работа на улиците на Кристчрч, еден од најголемите градови во Нов Зеланд. Она што е интересно е дека тој за тоа добива плата од 10.000 долари годишно од градските власти. Многу години за тоа е задолжен Иан Брекенбери Ченел, од Велика Британија. Тој се преселил на Нов Зеланд во 1970-тите години и по кратко време бил познат како Волшебникот, привлекувајќи внимание со својот необичен изглед. Со текот на годините станал дел од службите на Градот, објави Си-ен-ен тревел.
На поплочениот плоштад пред катедралата во Кристчрч, Иан станал препознатлив лик, а со својата оригиналност заработил 5 ѕвездички на „Трип адвајзер“. Од 1998 година Градскиот совет почнал да му исплаќа 16.000 новозеландски долари (10.400 американски долари) за неговото „волшебништво“. Сега тој има 87 години и минува помалку време во фокусот на јавноста. Сѐ што сака е да си пронајде заменик, а по сѐ изгледа тоа би можел да биде 39-годишниот Ари Фриман.
Како младич тој престојувал во Европа, бил офицер на Кралското воено воздухопловство во Канада и предавал англиска книжевност на Универзитетот во Техеран. Сепак, кога со сопругата се преселил во Австралија, ја пронашол професијата на својот живот, станал волшебник. По завршувањето на студиите по социологија и психологија, работел како организатор и предавач на факултетите, каде што ја почнал својата „забавна револуција“, за да внесе љубов, логика и лежерност, а универзитетите да ги претвори во „театар на апсурдот“. Кога ја загубил работата како професор, ѝ се посветил на својата замисла да стане волшебник.
– Немаше волшебници во реалниот свет, освен во книгите – вели тој.
Меѓутоа, неговата работа не е да биде Гандалф, туку некој вид провокатор, кој внесува ведрина и забава преку критика на системот. Како што вели, тој е шоумен кому не му пречи да направи будала од себе.
– Секој ден светот станува сѐ посериозен, па забавата во моментот е најмоќното и најважно нешто – порачува волшебникот Иан.