Изминативе недели во повеќе држави во Европа, Јужна Америка, но и во Азија се одржаа антикорона-протести против државните рестриктивни мерки за справување со пандемијата. Последни од низата демонстрации против носењето заштитни маски, но и против рестриктивните мерки поради ковид-19 викендов се случија во Германија и во Шпанија
Додека бројот на заразени од коронавирусот во светот достигна над 22 милиони лица, бранот на глобален револт кон задолжителната употреба на маски за лице и почитувањата на ограничувања, кои се одредуваат од владите за сузбивање на пандемијата, рапидно расте. Имено, изминативе недели во повеќе земји во Европа, Јужна Америка, но и во Азија се одржаа антикорона-протести против државните рестриктивни мерки за справување со пандемијата. Последна од низата демонстрации против носењето заштитни маски, но и против рестриктивните мерки поради ковид-19 викендов се случи во Германија. Имено без маски, без физичка дистанца неколку илјади Германци во Берлин се собраа во саботата и бараа да се укине одредбата на сојузната влада за носење заштитни маски на јавните места. Ваквиот собир веднаш ја алармира политиката во земјата. Реакциите се слушнаа уште истиот ден. Како што пренесе „Дојче веле“, претседателката на социјалдемократите, Заскија Ескен, веднаш ги нарече демонстрантите „ковидиоти“, додека шефот на фракцијата на ЦДУ во покраинскиот парламент на Бранденбург, Јан Редман, изјави дека таквите опасни глупости веќе не можат да си ги допуштат.
– Безобѕирните протести против корона-мерките предизвикуваат лутина, но не се причина за ограничување на слободата на собирање. Оние што ја презираат демократијата само чекаат на такво нешто – смета Марсел Фиртсенау германски аналитичар. Фиртсенау додава дека бранот револт на луѓето кон владините рестриктивните мерки непотребно расте и тоа може да доведе до отежнување во борбата против коронавирусот. Во меѓувреме извикувајќи „слобода“, стотици луѓе во неделата се собраа во шпанската метропола Мадрид за да изразат незадоволство против владините рестриктивни мерки против ковид-19. Демонстрантите во Мадрид држеа плакати на кои пишуваше „Вирусот не постои“, „Маските убиваат“ и „Не се плашиме“ додека истиот ден во Брисел неколку стотици луѓе протестираа за истиот повод држејќи транспаренти со натпис „Короната е циркус“. Во меѓувреме и двата протеста ги привлекоа теоретичарите на заговор и актерите против вакцинацијата против ковид-19.
– Демонстрациите можеби ќе ве разболат, но нема да ве убијат – рече Али Салих (30), кој работеше како доброволен болничар за демонстрантите во Брисел. Тој додаде дека протестите не можат да завршат без да се исполнат барањата за укинување на носењето маски на јавните места. Според него, владите низ светот претеруваат со бројките на заразени за да ја намалат слободата на луѓето.
Пилар Мартин, 58-годишна домаќинка од североисточниот град Сарагоса, за шпанските локални медиуми изјави дека дошла во Мадрид на протестот бидејќи верува дека Владата лаже, а коронавирусот е обична инфекција што може да се прележи како и секоја друга. Во исто време во Индија стравот од вирусот немаше речиси никакво влијание врз неколкудневното протестно седење предводено од жителите во населбата со муслиманско мнозинство Шахин Баг во Њу Делхи, која сега е епицентар на пандемијата во земјата.
Стотици жени и мажи се менуваат во смени постојано одржувајќи го собирот против носењето маски и рестриктивните мерки. Неодамна, демонстранти без маски на лицата и заштитни костими маршираа на плоштадот во главниот град на Мексико. Слично како и во Европа, демонстрантите се бореа да привлечат поголем број на луѓе што, иако се загрижени од епидемијата, сакаат Владата да ги укине рестриктивните мерки поради ковид-19 бидејќи, според нив, ограничувањата оставиле илјадници Мексиканци без работа и финансии. Во меѓувреме, здравствените експерти, но и медицинскиот персонал постојано апелираат да се избегнуваат големи собири и постојано да се носат заштитните маски.
– Не е тешко и нема оправдување за тие што не носат маска, кои не ги почитуваат мерките. Носам заштитна маска затоа што водам грижа за моите најблиски – семејство, колеги и пријатели. Затоа што секој од нас има одговорност да се грижи и за здравјето на тие околу себе. Грижата за себе во исто време е и грижа за тебе – изјави професорот Луис Чива од универзитетската клиника „Навара“ во Шпанија, кој додаде дека трендот на организирање антикорона-протести ќе ја отежни светската борба против пандемијата.