Светлана Тихановскаја, која му беше противкандидатка на Александар Лукашенко на претседателските избори и пребега во странство, наскоро би можела да се врати во земјата. Ова го изјави вчера нејзината овластена претставничка, Олга Ковалкова. Како што пренесува ТАСС, на 10 август, ден по изборите, Тихановскаја избегала во Литванија, но сега се очекува да се врати назад.

– Таа не планираше да замине и затоа сум сигурна дека наскоро ќе се врати – изјави Ковалкова. Во меѓувреме протестите во земјата продолжуваат. Опозицијата сѐ уште не ги прифаќа официјалните изборни резултати и смета дека Тихановскаја е избрана претседателка до одржувањето на нови избори. Во меѓувреме германската канцеларка Ангела Меркел вчера разговараше на телефон со рускиот претседател Владимир Путин за состојбата во Белорусија по претседателските избори и јасно го пренесе ставот дека мора да запре насилството и да почне демократски дијалог, пренесе „Ројтерс“.

Во исто време Претседателството на ОБСЕ на белоруската влада ѝ предложи посредување за да се воспостави „отворен и конструктивен дијалог во земјата“. Во соопштението се изразува загриженост за одржаните претседателски избори и за ситуацијата по нив.