Плановите за преместување на мумијата на фараонот Тутанкамон, од гробот во Луксор во новиот музеј во главниот град Каиро, ги зголемија стравувањата дека со таквиот чин може да се активира легендарното „проклетство на фараонот“, пренесе Си-ен-ен. Египетскиот фараон Тутанкамон бил погребан во Долината на Кралевите пред околу 3.000 години, а енигмата за неговиот живот, како и за неговата смрт, продолжува да ја бранува имагинацијата на јавноста. Тутанкамон го презел престолот кога имал само девет години и владеел исто толку години, од 1333 до 1323 година пр. н.е. Имено, големиот египетски музеј во Каиро треба да биде завршен до крајот на годината, а негова „скапоценост“ ќе бидат Тутанкамон и сите негови богатства, меѓу кои е и неговата посмртна маска направена од 11 килограми злато, што важи за врв на вештината на античките мајстори.
Смртта на Тутанкамон сè уште е обвиткана во тајност. Египтолозите сè уште не сфатиле од што всушност починал. Некои веруваат дека тој бил убиен, а други дека починал како резултат на инфекција, која се појавила откако тој ја скршил ногата.
Проклетството на Тутанкамон е исто така познато, затоа што, наводно, по откривањето на гробот во 1922 година, некои од археолозите што учествувале во тоа умреле како резултат на болест или „чудни несреќи“.
Според легендата, Тутанкамон фрлил проклетство што ќе стигне до сите оние што го нарушуваат неговиот мир.
Раководителот на Одделот за археологија во Големиот египетски музеј, Таеб Абас, истакнува дека Тутанкамон бил навистина важна личност.
– Она што е исто така важно за фараонот е дека неговиот живот и смртта сè уште се обвиткани во мистерија. Затоа луѓето во голема мера се фасцинирани од Тутанкамон – вели Абас.