Од 15 август до 15 септември во Вевчани, по девети пат ќе се одржи „Вевчанското културно лето“. Ќе се реализираат десетина активности, од кои неколку онлајн. Ќе бидат промовирани пет книги од вевчански автори или наслови што зборуваат за Вевчани и неговото славно минато: „Вода за Свети Спас“ од Петер Алулоски, романот на Косте Шутиноски, монографијата „Михајло Пупин и неговото дело“, „Избрани историски студии за охридско-струшкиот крај“ и „Документи од српските архиви за минатото на овој регион“ на Павле Митревски.
Посебно се издвојува библиофилското издание на книгата „Македонски политички новоговор, од независноста до денес“ од афористичарот Сашо Бетоски. Исто така ќе биде претставена и книгата „Светилиштата во Подгорци“ од авторот Стојан Кукунешоски, во Подгорци и во Вевчани, како резултат на традиционалната заемна соработка на населбите. Ќе се одбележи и петгодишнината од смртта на истакнатиот писател за деца Милутин Бебекоски, кој остави трајни траги во нашата литература и култура.
Предвидена е изложбата на мозаици од природен материјал на младиот сликар и поет Илија Пешиноски, како и изложба на Дафина Шекуткоска. Програмата ќе биде збогатена и со Вечер посветена на вевчанските преведувачки Ивана Шутиноска и Тања Бетоска, кои македонската литература и култура ја имаат задолжено со триесетина објавени преводи на светски значајни писатели. Ст.К.