Претседавачот со конститутивната седница, Талат Џафери, поради објективни семејни причини не го закажа продолжението на седницата, и покрај најавите, соопштија од неговиот Кабинет.
– Претседавачот со конститутивната седница, поради објективни семејни причини, денеска нема да го закаже продолжението на седницата. Кога ќе има дополнителни информации, во однос на терминот, ќе ве информираме – велат од Кабинетот на Џафери.
Од собраниските служби засега нема официјално соопштение за седницата, која не е најавена ниту на веб-страницата на Собранието.
Џафери синоќа на неговиот фејсбук-профил објави дека добил внук од ќерка.
Претходно вчера, Џафери изјави дека побарал од собраниските служби да направат подготовки за одржување на конститутивната седница, бидејќи заклучил дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ веќе имаат и мнозинство во Собранието, штом претседателот Стево Пендаровски му го доделува мандатот на Зоран Заев.