Поврзување на над 20.000 македонски компании со кинески инвеститори треба да овозможи новата економска платформа, проект што денеска, во рамки на Економскиот форум на 7. Самит на шефовите на Влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), го презентираше Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Платформата се однесува на кинеските инвеститори кои планираат влез на европскиот пазар, а треба да ги зајакне трговијата и соработката меѓу бизнисите од Македонија и Кина.
– Нашата земја е добро стратешки геопозиционирана, што претставува одлична можност за избор на Македонија за отворање еден од центрите за транзит и дистрибуција на производите од НР Кина кон регионалниот, но и кон западноевропските пазари. Воспоставување на платформата за зајакнување на соработката меѓу компаниите од Македонија и Кина ќе значи можност за зголемување на трговијата и заеднички вложувања на нашиот пазар, изјави претседателката на ССК Данела Арсовска.
Минатата година во Унгарија ССК потпиша седум договори за трговски партнерства меѓу Македонија и Кина. Арсовска, пак, е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина.
Во 2017 и во 2016 година Кина беше седми трговски партнер на Македонија. Вкупната размена лани достигнала 506 милиони долари од кои 62,2 милиона извоз и 444 милиони увоз.