„Ликовните предели“ е тeматската изложба од битолскиот уметник Драган Најденовски што ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Најденовски ќе се претстави со дела, кои се дел од неговата модерна ликовна уметност. Сликите се резултат на долгогодишен труд и сублимантен ликовен талент.
– Со најновите ликовни дела работени во масло на платно, молив на хартија, пастели или оние маслени пастели комбинирани со молив на хартија, од неговиот циклус од „Ливадата на музите“, во неговите „Предели“ создава нешто исклучително уметнички вредно, откривајќи го оној, речиси, бестијален и јанѕоносен немир што се крие во неговата душа, поставувајќи си го постојано прашањето: Создадов ли дело, или ова се само бои распослани на платно, на хартија? Тој, можеби и самиот како уметник не е е свесен дека насликал дела кои ќе бидат високо вреднувани во тајната книга на едно идно македонско и балканско време. Неговите слики на уверлив начин сами од себе зборуваат дека знаат да светат и кога сонцето се помрачува во ликовната татковина на уметникот. Симболично и модерно е ликовното творештво на Драган Најденовски. Секоја негова слика е светлина и реална, но и далеку поапстракна што зрачи и осветлува скриени ликовни простори од ова поднебје. Тие се прекрасни предели во замислената иреална „Ливада на музите“, бајковито насликани со филозофско-фантастичен набој со магичен и метафоричен ликоен израз силно и цврсто потпрени на имагинацијата на авторот. Поетизам, лиризам, естетизам, складност на бои, се е збрано во овие слики од најновото ликовно творештво на Драган Најденовски презентирани на оваа ликовна изложба – вели Панде Манојлов за делата кои на увид пред прилепската јавност ќе бидат наредните 15 дена.
Драган Најденовски, самостоен уметник член е на ДЛУM и ДЛУБ.. Има реализирано над 40 самостојни и многу групни изложби, учесник на колонии во земјата и во странство. За неговото творештво добитник е на бројни награди, межу кои и наградата 4-ти Ноември за уметност на град Битола. Ка.М.