Здружението бара да се врати релиценцирањето на туристичките агенции, да се воведе банкарска гаранција како услов за давање лиценца, а во законот да постои и осигурување на аранжманите
Визно либерализирање за привлекување туристи од дестинации од повеќе делови во светот, итни промени во законите за туризам и за угостителска дејност и носење стратегија за областа, бара Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора на Македонија. Со тоа, како што порачаа на прес-конференција, ќе се искористат позитивните трендови во развојот на туризмот и интересот на странските туристи за Западен Балкан, но доколку Македонија не направи релаксирање на визниот режим ќе остане надвор од тие текови. Здружението бара да се врати релиценцирањето на туристичките агенции, да се воведе банкарска гаранција како услов за давање лиценца, а во законот да постои и осигурување на аранжманите.
– На пазарот се појавуваат странски туристички агенции, кои исполнувајќи само минимални услови, кои сега важат на пазарот, нанесуваат штета во работењето не почитувајќи ги сериозно законите што важат за сите туристички агенции на пазарот – нагласи Даниела Михајловска-Алексовска. Во Законот за угостителска дејност алармираат на непостоењето категоризација на сите угостителски објекти за ноќевање и непостоењето категоризација на сите ресторани, односно угостителски објекти за исхрана.
– На пазарот постои категоризација на хотели, мотели и пансиони, но не и на апартмани, а тие се најбрзорастечката форма на правни субјекти што се појавија на пазарот и се нелојална конкуренција преку интернет-порталите како букинг и други форми на продажба на аранжмани. Од над 1.200 ресторани на пазарот само 88 се категоризирани како национални, а сите други постојат во друга форма на поими што не подлежат на категоризација. За овие форми на ресторани дури и казнените одредби не се исти – истакна Михајловска-Алексовска.
Како што појасни таа, на почетокот на новата туристичка сезона туризмот почнува повторно со истите проблеми како и минатата година и затоа е неопходно носење стратегија за туризам, која веќе две години е во финална верзија, но не е усвоена. Македонија на светската карта на туризмот учествува со помалку од 0,1 отсто, но како дел од регионот дефинитивно можностите за развој на секторот се далеку поголеми. – Светските трендови покажуваат дека расте интересот на туристи пред сѐ од Азија. Од Кина, 135 милиони туристи на годишно ниво излегуваат од земјата. Процените се дека трошат 330 милијарди американски долари на годишно ниво.
Во регионот на Западен Балкан, сѐ поголем е интересот и на туристи од ГОЛФ – земјите. За таа цел, соседните држави, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово имаат направено сериозно релаксирање на визниот режим со овие земји, од кои туристите патуваат во регионот на кружни тури – посочи Славе Сирачевски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија. Тој додава дека здружението веќе одреден период во официјална комуникација со Министерството за надворешни работи, укажува на трендот во регионот и доколку Македонија не направи релаксирање на визниот режим, ќе остане надвор од глобалниот балкански туристички пазар.
Во согласност со статистиката, земјите во регионот остваруваат значително поголем девизен прилив од Македонија во делот на туризмот. Бројот на туристите минатата година во однос на 2016 година е зголемен за 16,6 отсто, при што кај странските има пораст од 23,5 отсто, а кај домашните од 6,3 отсто. Во тој период е зголемен бројот на ноќевања за 12,8 отсто. Најмногу туристи има од Турција, по што следуваат Србија, Грција, Бугарија, Холандија. Девизниот приход од туризмот минатата година изнесувал 326,9 милиони долари. Учеството на туризмот во бруто-домашниот производ изнесува 2,2 отсто.