Собранието вчера со 69 гласа „за“ и еден „воздржан“ повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, откако на 20 јуни истиот тој беше усвоен, но претседателот на државата го врати без да го потпише. Опозицијата, за која договорот е капитулантски чин, исто како и минатиот пат, не беше присутна на повторното гласање.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во обраќањето пред пратениците, се осврна на укажувањата од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот, уверувајќи дека посебноста на македонскиот идентитет и јазик во согласност со спогодбата не е загрозена.
– Конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот идентитет туку и го реафирмира и го зацврстува како никогаш досега. Во практика договорот ќе донесе етаблирање на идентитетот и ќе ја надмине вечната борба за јазикот, идентитетот, ќе влеземе во ЕУ, ќе се печатат документи на македонски јазик со македонски превод – рече Димитров.
Пратеникот од коалицијата предводена од СДСМ, Ферид Мухиќ, кој, како што рече, гласал воздржано, кажа дека самиот услов за промена на името и на Уставот е флагрантно кршење на повелбата на ОН и на меѓународното право и оти станува збор за преседан, каде што никој досега не барал од една суверена држава промена на име и на устав.
– Ова кршење на повелбата мора да се нотира, гласот на овој народ мора да се слушне и светот мора да знае на што се принудени народот и државата со оваа спогодба – рече Мухиќ.
Според него, со спогодбата „се создава погрешен впечаток дека сме украле нешто туѓо, дека сме фатени во таа кражба и оти со каење го враќаме на вистинскиот сопственик и тој е подготвен да ни прости“.
Мухиќ ја цитираше германската канцеларка Ангела Меркел, според која „националното достоинство не може да биде предмет на никаков компромис“.
Веднаш по изгласувањето, премиерот Зоран Заев и владејачкиот СДСМ, како и во претходниот случај, упатија апел до Иванов да го потпише законот.
Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните во трето читање беше единствена точка на дневниот ред на 54-та собраниска седница.
Собранието претходно го ратификува договорот за решението за спорот за името на 20 јуни, со 69 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“. Истиот ден тој беше потпишан од страна на спикерот Талат Џафери и испратен до кабинетот на Иванов, кој, како што најави, го врати законот во предвидениот рок без да го потпише указот.
Минатата недела во Собранието на РМ беше доставена одлуката на претседателот на државата со која тој информира дека нема да го потпише указот за прогласување на законот.
Претседателот на Собранието, Џафери, најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во „Службен весник на РМ“ со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша.