Хрватската радио-телевизија (ХРТ) во средата, во 20.05 часот, го емитуваше документарниот филм „А ’порин’ добива – Оливер Драгоевиќ“. Со прикажувањето на првиот авторизиран документарец за животот на Драгоевиќ беше одбележана двегодишнината од смртта на музичкиот великан.
Сценариото и режијата се на Тони Волариќ,а во филмот се појавуваат: Златан Стипишиќ- Џибони, сопругата Весна Драгоевиќ, Брицо, Бата, Винко Барчот, Зорица Конџа, Теди Спалато, Томислав Мрдуљаш, Анте Гело…
Соговорниците во 70-минутниот филм говорат за Драгоевиќ и со Волариќ споделуваат спомени, снимки и фотографии што досега не се прикажани во јавноста. Документарецот донесува и приказни за создавањето на голем број познати песни и албуми, за незаборавни дружи, риболов…
Легендарниот балкански пејач почина на 29 јули 2018 година, во раните утрински часови, во болницата во Сплит, по едногодишната борба со ракот на белите дробови.
На последната пловидба во родното место Вела Лука на Корчула, Драгоевиќ беше испратен на посебен начин. Стотици бротчиња испловија од Сплит, придружувајќи го бродот каде што се наоѓаа неговите посмртни останки, а на патот им се приклучија и десетици бродови од островите Хвар и Вис.
Оливер Драгоевиќ по смртта е прогласен за почесен граѓанин на Сплит, а освен овој документарец, по неговата смрт е објавена и книгата „Трага во бескрајот“, по една негова позната песна, чиј автор е сплитскиот новинар и музички критичар Златко Гал.