Приштина и Белград продолжуваат со дипломатската активност за подобрување на преговарачките позиции

Во пресрет на денешните преговори во Брисел беа пласирани информации за постоење наводен документ што ќе ѝ биде понуден на Србија за прифаќање на независноста на Косово

На делегацијата од Белград што денеска ќе присуствува на разговори со Мирослав Лајчак и со претставниците на приштинските власти во седиштето на Европската Унија ќе ѝ биде врачен нацрт на сеопфатен договор, кој подразбира де факто признавање на Косово од Србија. Соговорници од дипломатски кругови, за весникот „Вечерње новости“, тврдат дека Брисел преку Лајчак планира на шефот на српскиот тим Марко Ѓуриќ да му го предаде доверливиот нацрт, со барање да му го проследи на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Овој нацрт ЕУ го направила без преговори со која било од страните и злоупотребувајќи го нивното присуство во техничкиот дијалог. Во текстот се бара Србија да прифати и членство на Косово во Обединетите нации и во други меѓународни организации – изјавил добро информиран извор за „Вечерње новости“.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, е зачуден од тоа што сега се зборува за нацрт-документот, кога се знае дека српскиот претседател Александар Вучиќ нема да присуствува на денешното продолжување на дијалогот, но додава дека таквиот документ би служел за дополнителен притисок врз Србија.

Деновиве од косовскиот премиер Авдулах Хоти јавно беше соопштен ставот на Приштина дека нема да учествува само на технички преговори за прашања од различни односи меѓу двете земји, а ако не биде прифатен и нивниот услов за признавање на Косово од страна на Србија.
– Надворешните фактори би сакале да го искористат за уцени, а Србија да го прифати тој документ, во спротивно би немале светла европска перспектива. На домашната политичка сцена има такви што им помагаат во овие притисоци, со организирање разни демонстрации и насилства на улиците. Тоа се две страни на еден медал – изјави Дачиќ.
Во пресрет на денешните прегори во Брисел, приштинска „Газета експрес“ објави текст во кој се наведува дека „ЕУ јасно стави до знаење дека Приштина и Белград нема да склучат посебни или делумни договори, а сеопфатниот договор ќе биде потпишан дури откако ќе се постигне договорот за сите теми“.
Портпаролката на ЕУ, Набила Масрали, изјавила дека дијалогот, во кој таа посредува, ќе заврши со сеопфатен договор само кога ќе се решат сите проблеми меѓу Приштина и Белград, доволно за да се потпише конечен договор.

За време на речиси децениските разговори во ЕУ, претставниците на Косово и на Србија потпишаа низа договори, кои не се спроведени. Зборувајќи за конечниот договор, таа наведува дека ЕУ очекува и да се применуваат претходните договори.
– ЕУ и сите нејзини држави членки очекуваат дека двете страни ќе ги имплементираат сите договори постигнати во минатото. Нерешените прашања во претходните договори ќе бидат решени паралелно во преговорите за сеопфатен договор – се наведува во одговорот на ЕУ.
Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ, директор на Форумот за етнички односи, смета дека денеска во Брисел нема да има никаков ултиматум за признавање на едногласното прогласување на независноста на Косово.
– Мислам дека станува збор за спин, зад кој може да стојат надворешни интереси и неколку политичари од сегашната владејачка коалиција. Вучиќ треба да го соблече костимот и да види каде седат тие големи пријатели што му ставаат топли камчиња во чевлите. Ова е притисок за останување на Дачиќ во новата влада – оценува Јањиќ во разговор за агенцијата „Бета“.

Според неговите информации, денешниот состанок на претставници од Приштина и од Белград е продолжување на експертските разговори за економијата и обновување на железничкиот сообраќај.
– Состанокот се одржува ден пред почетокот на годишниот одмор на европските дипломати и, во такви услови, никој нема да посегнува по историското прашање за признавање на Косово – појаснува Јањиќ.
Додека траат преговорите, приштинската и српската страна продолжуваат со своите дипломатски активности за признавањето или отповикувањето на признавањето на Косово од некои земји.

Вчера претставник на косовската влада се пофали дека двете земји се откажале од намерата за повлекувањето на признавањето, што беше демантирано од Ивица Дачиќ. Европската Унија пред обновувањето на дијалогот во Брисел побара од Србија и од Косово да се воздржат од склучување какви било меѓународни договори, пишува „Косово онлајн“.