Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која угостителите повторно, ја искажаа неопходноста од креирање и донесување соодветни протоколи кои би се почитувале за контролирано одржување на прослави и настани во угостителските објекти.
Угостителите повторно укажаа дека дел од капацитетите во оваа дејност веќе половина година воопшто не работат, поради неизготвување на протоколи, со што се става под знак прашање егзистенцијата на нивните вработени.
– Туристичко угостителската комора уште на почеток на месец јули, изготви предлог протоколи за работа според кои се предвидува работа во контролирани услови и иако во Комисијата беа оценети како прифатливи, се уште не се донесени. Безбедносниот аспект мора да биде максимално запазен согласно протоколите за работа. Во спротивно како и досега ќе се соочуваме со приватно во сопствена режија организирање на прослави без соодветни безбедносни протоколи. Во исто време за разлика од семејните прослави, дозволени се концерти и други настани со далеку поголем број учесници за кои има предвидени протоколи. Очекуваме Комисијата за заразни болести да донесе препораки за отворање, затоа што состојбите поради недостатокот на протоколи може да излезе вон контрола. Состојбата на сите економски оператори кои директно и индиректно согласно природата на својата дејност се поврзани со угостителските објекти како музичките уметници, фотографи, претпријатија за декорација, накит и голем број други, е крајно тешка и неизвесна – изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора и додаде дека доколку наскоро не се започне со работа овие субјекти нема да издржат да опстојат на пазарот.
Оттаму додваат дека претпријатијата од оваа дејност се адаптирале на новите услови, сите се придржуваат на новиот начин на работа, неопходен во услови на моменталната состојба. Во исто време и доколку како и во останатите дејности се донесат протоколи за заштита од ширење на пандемијата, истите ќе се почитуваат во целост и ќе се превенира неконтролирано организирање прослави во домашни услови и приватна режија, велат угостителите.