Нема да се промениме, се обидуваме да се подобриме. Дали е можно да се подобриме на подолг период? Јас би рекол да. Тоа е навистина убава приказна што момчињата ја напишаа низ годините, но уште не е завршена. Прво, како и секогаш, е да се биде тим против кој никој не сака да игра. Мислам дека сме такви, но можеме да бидеме понеудобни, вели Клоп

ФУДБАЛ

Јирген Клоп, менаџерот на англискиот фудбалски првак Ливерпул, изјави дека сака идната сезона уште понезгодно да биде да се игра против шампионот во Премиер-лигата, пренесе британскиот дневен весник „Гардијан“. Пред почетокот на паузата во март поради пандемијата на коронавирусот, Ливерпул имаше 82 бода, по 29 меча, со по еден пораз и реми, практично гарантирајќи ја првата титула за клубот по пауза од 30 години.
По победата со 5-3 во средата над Челси, три сезони по ред Ливерпул е без пораз на домашен терен во Премиер-лигата, но Клоп очекува уште повеќе од своите играчи.
– Нема да се промениме, се обидуваме да се подобриме. Дали е можно да се подобриме на подолг период? Јас би рекол да. Ќе правиме анализа кога ќе заврши сезоната, ќе уживаме, а потоа кон средината на август повторно ќе почнеме со тренинзи и од тој момент ќе се обидеме повторно со сѐ што имаме и ништо нема да нѐ задржи. Тоа е навистина убава приказна што момчињата ја напишаа низ годините, но уште не е завршена. Ние одлучуваме кога ќе заврши.

Сакам да видам да се бориме за кој и да е следниот трофеј, да се бориме на теренот и да уживаме во напорна работа и сѐ додека го правиме тоа, имаме добри шанси. Прво, како и секогаш, е да се биде тим против кој никој не сака да игра. Мислам дека сме такви, но можеме да бидеме понеудобни – вели Клоп.
Клоп верува дека победата во минатата сезона во Лигата на шампионите против Тотенхем во Мадрид, која дојде 12 месеци по поразот од претходното финале против Реал Мадрид, беше пресврт.

– Кога сте толку близу, треба да инвестирате повеќе, а потоа да ја надминете линијата и токму тоа се случи. Ќе останеме алчни, мора и треба. Но не знам дали тоа автоматски ќе доведе до повеќе трофеи, затоа што другите екипи имаат други причини да го направат следниот чекор и, како што повторно видовме во средата, разликата помеѓу нас и Челси не е триесетина бода, но таа вечер примивме два гола и имавме незгоден момент кога Пулишиќ ја промаши целта – вели Клоп.