Прекршувањето на позитивната законска регулатива води до далекосежни негативни последици. Владеењето на правото не значи кршење на законите, туку ако не соодветствуваат на реалните состојби во општеството, се прават иницијативи за нивна легална промена
Извесноста на резултатите од повторното гласање во Собранието на Република Македонија за ратификација на Преспанскиот договор со Грција отвора една уште подлабока неизвесност. Во обидите процедурата да се истурка докрај (односно указот за ратификација на законот да биде објавен во „Службен весник“), се отвора спиралата на прекршувања на постојните уставни и законски одредби. Имено, колку што е познат фактот дека и по вторпат е обезбедено потребното парламентарно мнозинство за прифаќање на договорот, исто толку е познат ставот на претседателот на државата Ѓорге Иванов дека нема да го стави својот потпис на указот на законот за ратификација на договорот со Грција. Со таквите спротивставени позиции на парламентарното мнозинство и на претседателот на државата, повторно се доаѓа во ситуација како онаа со Законот за употреба на јазиците, кога претседателот се одлучи да го примени т.н. инструмент на џебно вето. Според македонскиот устав, претседателот има право на суспензивно вето на законите, усвоени со едно гласање во Собранието, но по повторената постапка на парламентарно усвојување со мнозинство, треба да го потпише законот. Недореченоста на уставната одредба за рокот во кој треба да биде потпишан некој закон му остава простор на претседателот за т.н. џебно вето. Но она што е суштинско е дека, врз основа на добиениот легитимитет од граѓаните, како и врз основа на уставните овластувања да ги штити уставниот поредок и законитоста во државата извршувајќи ја функцијата претседател, според утврдените принципи (и овластувања) за одбрана на државата и на граѓаните од загрозување на уставниот поредок, што во случајов е протолкувано како такво, тој се одлучува на чекорот да не го потпише указот.
Таквата пат-позиција е речиси процедурално идентична како што беше и со Законот за употреба на јазиците. Но спикерот Талат Џафери овој пат најавува подготвеност да ги испрати указите за двата закона за објавување во „Службен весник“, на кои тој е двапати потпишан – и како претседател на Собранието и како в.д. претседател на државата. Неговата решителност е поддржана и од директорот на „Службен весник“, Мартин Костовски, кој веќе изјави дека „ќе се води по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа јавното претпријатие ’Службен весник’ како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија“. Во контекст на целата ситуација, изјавата на Костовски, опозицијата и правните експерти ја толкуваат како подготвеност да ги објави законите во „Службен весник“.
Додека Владата и парламентарното мнозинство го обвинуваат претседателот дека непотпишувајќи ги указите за законите го прекршува Уставот, опозицијата предупредува дека објавувањето на законите во „Службен весник“ без потпис од претседателот на државата е кривично дело, кое не застарува, а претседателот на Собранието и директорот на „Службен весник“ би добиле затворска казна од најмалку пет и пол години за злоупотреба на службената положба и самовластие (само за едниот закон), а исто така толкава затворска казна им се заканува и за другиот закон, доколку го објават во „Службен весник“ без потпис од претседателот Иванов. Аргументот на Владата е дека претседателот не треба да изразува свој став за законите што ги потпишува кога тие вторпат се изгласани во Собранието, туку само да ги потпише, а потоа законот може да биде процесиран пред Уставниот суд. Според Владата, улогата на претседателот при усвојувањето на законите е само техничка.
– Позицијата на претседателот на Р. Македонија не ја сфаќам како формално-процедурална. Тој сепак треба да го просуди тоа што му е доставено на потпишување. Впрочем, секој граѓанин на Р. Македонија треба да ги штити националниот интерес и Уставот. Тоа е должност, света должност. Така е барем во сите цивилизирани држави – смета академик Катица Ќулавкова.
Во поглед на државноправната поставеност на македонската држава, професорот на Правниот факултет во Штип, Димитар Апасиев, укажува дека таа се заснова на парламентарно-претседателскиот систем. Односно, системот не е ниту само парламентарен ниту само претседателски. Мандатите на парламентот и на претседателот произлегуваат од директно изјаснување на граѓаните на посебни парламентарни и претседателски избори, така што секој (и пратениците и претседателот) има одговорност пред граѓаните, пред Уставот и законите, за секоја своја постапка и преземена одговорност.
Ваквата пат-позиција во врска со различните ставови за објавувањето на законите за јазиците и за договорот со Грција во „Службен весник“ имплицира дека е можно да се случи прекршување на позитивната (сѐ уште важечка) законска и уставна регулатива, што би можело до доведе до развивање на спиралата на законска анархија.
– Секој закон мора да има претседателски потпис на указот и обидите за „интерпретација“ на таквата уставна и законска регулатива ја внесуваат државата во лош филм. Законите, односно актуелните законски решенија постојат за да се почитуваат, а не да се толкуваат. Прекршувањето на позитивната законска регулатива може да доведе до далекосежни последици. Никаде во демократскиот свет никој не се осмелува да го прекрши законот, туку се прават иницијативи за негова промена ако не соодветствува на реалните состојби во општеството – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.