Ловните работници и ловџии е потребно и во најекстремните зимски услови со сите свои расположливи средства да бидат секојдневно мошне активни во ловиштата кога станува збор за прехранувањето и заштитата на дивечот

Снежната виулица, ледениот дожд и ниската температура во зимскиот период им носат тешкотии на државните служби во одгледувањето на разните видови дивеч во ловиштата. Меѓутоа, ловните работници и ловџии е потребно и во најекстремните зимски услови со сите свои расположливи средства да бидат секојдневно мошне активни во ловиштата кога станува збор за прехранувањето и заштитата на дивите животни.
Токму затоа тие треба секојдневно да им оставаат на дивите животни во ловиштата подготвена зрнеста, но и друг вид покрупна храна, за да можат полесно да го поминат овој екстремен период за нив.
На тој начин, тие со таа прехранбена програма, покрај тоа што ќе го спасат дивечот од гладување, ќе му овозможат и да биде во добра физичка кондиција.
Исто така, секоја година во текот на зимскиот период штета на овоштарниците и лозјата им нанесуваат зајаците и срните, но и другиот дивеч. Но ловџиите и земјоделците со нивното заедничко знаење и дејствување можат во голема мера да ја намалат штетата во ловиштата.

Некои од методите што треба да се применат за да се ублажат овие штети се редовното прехранување на дивечот со зрнеста и крупна храна во текот на зимскиот период, потоа со садење зелка во близината на овоштарниците и лозјата за дивечот да има доволно храна.
Исто така, заштитата на секое младо стебло со мрежа и со пресечени пластични шишиња се покажала како многу ефикасни во заштитата на овоштарниците. Заштита на парцелите со метална ограда и мрежа, сепак, не е доволно, бидејќи во зимскиот период поради големите снежни наноси, дивечот лесно ја прескокнува оградата.
Само со заедничка работа, но и со едукација на земјоделците и на ловџиите во овој период ќе може да се намалат штетите на земјоделските култури, но и на самиот дивеч.