Аталанта постигна 95 гола, како Фиорентина пред 60 години

Аталанта ја совлада Болоња со 1-0 и веќе постигна 95 гола сезонава во фудбалската Серија А, што е најголем број голови што постигнал еден италијански тим по 60 години. Претходно Фиорентина постигна 95 гола во сезоната 1958/59 година, но сепак тие бројки уште се далеку од италијанскиот рекорд на Торино од 125 погодока во сезоната 1947/48. По оваа победа, Аталанта, која по рестартирањето на првенството што беше прекинато поради пандемијата на коронавирусот на 10 натпревари забележа осум победи и два ремија и е без пораз на 15 меча во низа, се искачи на втората позиција на табелата со 74 бода, шест помалку од лидерот и актуелен првак Јувентус и си обезбеди настап во Лигата на шампионите (ЛШ) и во следната сезона. Во дебитантската сезона Аталанта се пласира во четврт-финалето на ЛШ. 


Копа либертадорес продолжува на 15 септември

Јужноамериканскиот Копа либертадорес, еквивалентот на европската фудбалска Лига на шампионите, ќе продолжи на 15 септември, по шестмесечниот прекин предизвикан од пандемијата на ковид-19, соопшти Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), пренесува „Ројтерс“. Последните натпревари во Копа либертадорес се одиграа на 12 март, пред да биде суспендирано натпреварувањето. Четири меча во групите ќе се одиграат на 15 септември, пет следниот ден и уште седум на 17 септември. Во комбинација се 32 екипи, поделени во осум групи. Досега секој тим одигра по два меча. Финалето е закажано за јануари 2021 година, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро. 


Почнува одбројувањето до почетокот на одложените ЛОИ 2020

Од денеска почнува одбројувањето, една година до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Планирани се низа активности под пораката на олимписката кампања „Заедно сме посилни“, со која се истакнува важноста на солидарноста и единството во овие тешки времиња. Сите активности ќе бидат во дигитална форма. Организацискиот комитет на ЛОИ ќе објави и видеопораки со почит и благодарност до сите што ги поддржуваат Игрите и спортистите. Од 24 јули до 9 август на олимпискиот канал ќе можат да се проследат и „Големите олимписки моменти“. Ќе бидат прикажани некои од најинспиративните, највозбудливи и незаборавни моменти од историјата на олимписките игри. Покрај тоа, спортисти, меѓу кои и Надја Команечи, Леандер Паес и Рајан Милар, ќе ги споделат приказните од нивните олимписки денови.