Пиратите киднапирале 13 члена на екипажот, Украинци и Руси, од грчки танкер во Гвинејскиот Залив, крај брегот на Бенин во Западна Африка, објави грчката компанија, сопственик на бродот.
Според компанијата „Алисон менаџмент“, пиратите го нападнале бродот „Курасао трејдер“ на 17 јули, оддалечен околу 350 километри од брегот на Бенин.
– Пиратите како заложници зеле 13 од 19-те члена на украинскиот и рускиот екипаж, а бродот во моментот лебди со ограничен број членови на екипажот – велат од компанијата, чие седиште е во Атина.
Компанијата додаде дека испратиле нивен брод ладилник да му помогне на танкерот додавајќи дека ќе ги вложат сите напори за да се обезбеди ослободување на киднапираните морнари.
Гвинејскиот Залив, крај брегот на Западна Африка, стана најопасната поморска рута на светот пред Аденскиот Залив. Пиратите редовно ограбуваат бродови и ги земаат членовите на екипажот како заложници за да ги разменат за откуп.