Наставните планови и програми од националната група на предмети во Република Српска и Србија, во кои влегуваат предметите за српски јазик, историја, географија и познавање на природата и општеството, од почетокот на новата учебна година ќе бидат исти.
– Според усогласените наставни програми ќе учат децата од пониските одделенија во основните училишта, односно оние што посетуваат настава до петто одделение. Србите, без разлика каде се наоѓаат, треба да учат ист јазик, иста историја, иста географија, бидејќи станува збор за ист народ, кој има иста историја, говори на ист јазик – изјави Дане Малешевиќ, министерот за образование и култура во РС.
Според Дејтонскиот договор, Република Српска има право на сопствено образование и надлежност да го уредува системот на образование.
– Годинава имавме заеднички состанок со соработниците од Министерството во Србија, на кој усогласивме одредени процедури и се надеваме дека со новата наставна програма ќе почнеме од септември годинава – вели Малешевиќ.
Настаните од последната војна во Босна и Херцеговина ќе се изучуваат во средните и повисоките одделенија во основното образование во Република Српска. Притоа биле земени предвид и препораките на ОБСЕ и другите меѓународни организации за тоа последната војна да не се изучува во училиштата во БиХ, но во образовните институции на Федерацијата БиХ не се почитува тоа, па затоа е донесена одлука тоа да се прави во Република Српска.
Исто така, во средните училишта ќе се изучува и веронаука, а учениците во првите две години ќе имаат можност да изучуваат култура на религијата, а во трета и четврта година ќе изучуваат етика.