Уште од своите почетоци, филмот се инспирира од историските сижеа. По пионерскиот период на браќата Лимиер и Мелиес, почнува заинтересираноста на филмот за историски драматични теми и личности. „Убиството на војводата од Гиз“ (1908), „Последните денови на Помпеја“ (1908), „Падот на Троја“ (1910) сведочат дека уште од најраните години на историјата на филмот, филмографите биле свесни дека „филмувањето“ на историјата е исплатлив предизвик и за творците и за публиката. Навистина, оттогаш се снимени многубројни филмски дела, чии сценарија се обработка на историски случувања и на животот на истакнати историски поединци.
Но би требало да се напомене дека, наспроти богатото користење на историскиот материјал во своите проекти, филмот има многу различeн третман кон историските личности и настани. Иако историските случувања понекогаш можат да заличат на долга театарска претстава или на ТВ-серија во која трагедијата се меша со гротеска, комедијата со мелодрама, во филмот е дозволено пренагласување или понекогаш дури игнорирање на фактографскиот материјал за сметка на впечатливоста и гледливоста. Освен овие жанровски преплетувања и извртувања, важно е да се истакне дека историското толкување има време, често подолго од човечкиот живот, да заклучува, додава, преправа. А филмот има само два часа да ја каже својата визуелна приказна. Навистина, неговите технолошки „помошници“ можат многу да му помогнат во третманот на времето, во неговата своевидна просторност, со преклопување на различни временски периоди, со забрзување, забавување, стопирање или враќање назад (во некои филмови дури и со истовременост на содржините на свеста и сонот).
Така, и во „Златната петорка“ режисерот Тренчовски користи дел од овие постапки за да сообрази две временски раздалечени дејства – едното од 1951-та, второто 65 години подоцна, од 2016-та. Ретроспективата е во телото на самото дејство, со што, со наизменично менување на хронолошките планови, се добива впечатокот на сегашност. Од друга страна, гласот на нараторот, преживеаниот Алавантие, го реконструира, со своевидни коментари и размисли, трагичниот настан, а само тој, Џиџи и Ката (нормално, во интерпретација на постари актери) учествуваат и во втората современа приказна. Местото на случувањата е исто, градот Струмица, но со временска разлика од шеесетина година, за кои се случуваат големи промени во нејзиниот урбан лик и градски живот. Оттаму, предизвикот на режисерот Тренчовски да ја долови автентичноста на „она“ наспроти „ова“ време, со многу амбиентални реконструкции – тогашните улици, автомобили, облека, киното „Балкан“…, но и со внимателно избрани автентични детали, во книгите и весниците што се читаат, во музиката што се слуша, што ја обезбедува неопходната патина на минатото.
Нечовечната трагична ликвидација на струмичките студенти*, со филмот на Тренчовски реактуализира, кај македонските гледачи, една затскриена мрачна страница од историјата, но во поширок рецепциски контекст, „Златната петорка“ е приказна за предавството и покајанието и, уште пошироко, за љубовта. Силата на овој филм се потпира во очевидноста на доказите, но уште повеќе во вистинитоста на чувството. Насилно прекинатата љубов на младата двојка има во себе трагична и исконска ромеојулиевска нота. Историјата го повредува, го крвави не само телото туку и душата на младиот човек, оттаму болната апсурдност на злото.
„Златната петорка“ на Горан Тренчовски е филм за болните противречности меѓу наивноста и злосторството, меѓу душевноста и бездушноста, меѓу идеалот и бездната, меѓу бездната и проштевањето. додека го пишував текстот се совпадна да се зачитам во каталогот од изложбата „Една слика за темната страна на римската историја“, која преку консеквентен интердисциплинарен (археолошки, антрополошки, медицински) научен метод ја открива ужасната вистина за масовната гробница на погубените римски војници во Скупи. Иако двете ликвидации, онаа на римските легионери и онаа на струмичките студенти, ги делат десетици векови, тие се извршени со слична егзекуторска немилост.