Според предизборните анализи, малите партии од македонското политичко милје, кои одлучија самостојно да настапат на овие предвремени парламентарни избори одржани во специфичен пандемиски амбиент, свесно тргнаа во донкихотска борба со хроничната изборна болка содржана во Изборниот законик и во Донтовиот модел за пресметување на гласовите во пратенички мандати, за кои е докажано дека најмногу им годат на големите партии
Предвидливоста не води секогаш до решавање на состојбите. Со таква ситуација се чини се соочува Македонија еден ден по изборите, на кои тешко добиените резултати од ДИК, во голема мера ги потврдуваат предизборните анкети и аналитички предвидувања. Исто така, се остварени и предвидувањата за резултатите на малите партии, кои учествуваа на десеттите парламентарни избори, одржани на 15 јули, од кои само Левица успеа да се факторизира со два пратенички мандата. Според предизборните анализи, малите партии од македонското политичко милје, кои одлучија самостојно да настапат на овие предвремени парламентарни избори одржани во специфичен пандемиски амбиент, свесно тргнаа во донкихотовска борба со хроничната изборна болка содржана во Изборниот законик и во Донтовиот модел за пресметување на гласовите во пратенички мандати, за кои е докажано дека најмногу им годи на големите партии. Иако Левица освои два пратенички мандата, лидерот на партијата, Димитар Апасиев, неколку часа по пребројувањето на гласовите на социјалните мрежи објави дека им се украдени три пратенички мандати.
– Двајца фиксни! Тројца украдени!? Хаос во ДИК. Идеме на рачно броење… На повидок тежок фалсификат. Најнерегуларни избори откога постои Македонија! Одиме до крај!! – пишува Апасиев.
Слични реакции за исчезнати гласови, манипулација со преставувањето на коалициите на изборните ливчиња, сомнежи поврзани со неважечките гласачки ливчиња изнесоа и лидерите и на други помали партии.
– Сметаме дека сме оштетени при броењето на гласовите, односно дека свесно ни се украдени гласови од големите партии, а имаме и докази за тоа. За жал, тоа се случува кога мафијата ги брои гласовите. Ние бевме единствена партија (Глас за Македонија), која им се спротивстави на двете најголеми партии и се боревме против двата блока. Јас лично одлучив да се повлечам од политиката и од овие избори сфатив дека не само елитите туку и целото општество ни е корумпирано.
За тоа се највиновни големите партии, кои во изминатите години создадоа тотално извртена перцепција на вредности кај народот. Создадена е перцепција дека придобивките, парите паѓаат од небо и дека не треба да се работи за да се креира сопствената иднина. Затоа гласачите се „лепат“ на неостварливи проекти и коруптивно-криминогени ветувања – вели Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија, која смета и дека многу брзо повторно ќе имаме нови парламентарни избори.
Професорот Јове Кекеновски, лидер на партијата ФРОДЕМ, која на изборите учествуваше како дел од коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“, тврди дека нивниот разочарувачки резултат на овие избори во голема мера се должи на техничка изборна манипулација со именувањето на нивната коалиција на избирачкото ливче.
– Свесни сме дека зад ваквиот резултата стојат страшни изборни манипулации, за што ќе поднесеме приговор до ДИК. Имено, називот на нашата коалициска листа „Никогаш Северена, само Македонија“, под чиј слоган се засноваше целата наша кампања, воопшто не беше наведен на изборното ливче, туку фигурираше само името на подносителот на листата, Единствена Македонија. Сметаме дека на тој начин нашите членови и симпатизери се оневозможени да гласаат за нашата опција, која беше понудена како коалиција. Да бевме правна држава, по вакви манипулации секако ќе беа поништени изборите, а ние секако ќе бараме и увид во неважечките изборни ливчиња – вели професорот Кекеновски.
Коментирајќи ја примената на Донтовиот модел за пресметување на гласовите во пратенички места, Кекеновски цени дека сосема поинакви ќе беа изборните резултати, а и форматот на предизборните коалиции, доколку пресметката беше според друг модел и беа реализирани ветувањата за една изборна единица.
– Ако Заев не ги изманипулираше помалите коалициски партнери со ветувања за една изборна единица, ќе имавме сосема поинакви коалиции, а не вакви мамутски сконцентрирани околу големите партии, односно коалициите ќе се правеа постизборно – вели Кекеновски.
Од Македонски концепт, релативно нова партија на македонската политичка сцена, која првпат учествуваше на парламентарни избори, постизборно оценуваат дека актуелниот изборен концепт не нуди еднаква можност за сите.
– Македонија и граѓаните на Македонија сѐ уште треба да се изборат за нормалност во државата и за демократија, каде што секој со секого ќе биде еднаков и ќе има еднаква можност да се докаже. Сѐ уште живееме во контролирана демократија и тоа го потврдуваат и резултатите од вчерашното гласање. Мноштвото од нашите гласови се во неважечките ливчиња, благодарение на соработката на господин Зоран Заев и господин Христијан Мицкоски, да не дозволат по никоја цена факторизација на нормална политичка опција во земјата, без разлика на тоа кој од нив двајца ќе биде победник. За истото тоа, од наша страна до ДИК е поднесен приговор бр. УП110-82 од 16.7.2020 година, со кој бараме увид во сите неважечки ливчиња, за да ја констатираме голата вистина за изборни манипулации на овие избори.
Во очекување на одговор од ДИК, без голема надеж за праведна одлука од нивна страна, истакнуваме дека сме наполно свесни дека ние живееме во контролирана демократија, во која партиите одлучуваат кој ќе победи, а не ние граѓаните! – велат од Македонски концепт.
Професорката Мирјана Најчевска, која беше кандидатка на Твоја партија, уште еден нов политички субјект на веќе завршените избори, оценува дека резултатите што ги остварија малите партии (па и Твоја партија) се должат на изборниот модел и на Изборниот законик, но и на клиентелистичкиот амбиент во општеството.
– Дефинитивно, изборниот модел и Изборниот законик се во интерес и во функција на метузалемските партии. Но на овие избори се покажа дека веќе е етаблиран еден лош општествен феномен, односно дека веќе е изграден многу клиентелистички однос меѓу големите партии и граѓаните.
Со толкава партизираност и поделби во општеството многу тешко ќе се постигне вистински демократски развој и тешко ќе се гради правна држава. Сепак, не губам надеж дека ќе дојде и до такво позитивно поместување во свеста на граѓаните, но многу потешко и многу подоцна, отколку во другите демократии – вели професорката Мирјана Најчевска од Твоја партија.