Преспанскиот договор и спротивставените ставови за спогодбата на партиите се забележуваат во известувањето на некои странски медиуми за изборите во Македонија. Меѓу темите поврзани со изборите се истакнуваат и преговорите со ЕУ, како и барањето на ДУИ за прв премиер Албанец. Неизбежна е и пандемијата во која се одвива гласањето, со што беше наведено дека загрижувачката стапка на нови случаи на коронавирус соочува многумина избирачи со прашањето дали да гласаат или да останат дома, односно дека се заканува да го намали одзивот.
– Ниедна од страните не се очекува да добие апсолутно мнозинство, со што се создаваат услови за комплексни преговори за коалицирање по резултатите од изборите – пишува „Ал џезира“.
Во анализата на „Дојче веле“ се вели дека исходот од изборите се очекува да има големо влијание врз политичкиот пат на Македонија, со што неодамнешните анкети сугерираат дека резултатот е премногу тесен за предвидување.
Грчки „Катимерини“ пишува дека изборите би можеле го одредат темпото со кое државата ќе се движи кон приклучување на ЕУ. „Балкан инсајт“, пак, посочува дека прва задача за победникот на изборите, кој ќе ја води државата во наредните четири години, ќе биде справувањето со нерешената здравствена криза, но оти во текот на следниот мандат ќе доминира и почетокот на преговорите со ЕУ.