Рим – Во болницата „Папата Јован“ во Бергамо, Италија, нема повеќе пациенти со коронавирус на Одделот за интензивна нега, 137 дена откако бил примен првиот пациент. Овој град, кој се наоѓа во Ломбардија, беше еден од најпогодените од пандемијата, јави „Ројтерс“. Веста ја објавија докторите, кои со победнички аплауз влегле во болницата по што следувал едноминутен молк во чест на починатите од ковид-19. Инаку во Бергамо од вирусот починаа близу 6.000 лица.

Токио – Бројот на загинати во поплавите и лизгањето на земјиштето на јужниот јапонски остров Кјушу се искачи на 62, а метеоролошките служби и надлежните предупредуваат дека и во деновите што следуваат се очекуваат поројни дождови да ја погодат Јапонија, јави АП.

Москва – Русија одобри нов антивирусен лек, „коронавир“, за лекување на заболените од ковид-19, соопшти руската фармацевтска компанија „Р-фарм“ додека бројот на заразените во таа земја надмина 7.000. Во соопштението на компанијата „Р-фарм“, која го развила коронавирусот, се наведува дека клиничкото испитување во кое биле вклучени благи или средно тешки случаи, покажало дека лекот е многу ефикасен во инхибирањето на репликацијата на новиот коронавирус.

Канбера – Вториот најнаселен австралиски град, Мелбурн, од денеска воведува шестнеделен карантин по наглиот пораст на нови случаи на коронавирусот, а другите австралиски држави ги зајакнуваат внатрешните граници за да спречат втор бран на целата територија на земјата, пренесе АФП.