Германската канцеларка Ангела Меркел синоќа соопшти дека на вчерашниот кризен состанок со најмалиот коалициски партнер во нејзината Влада, Христијанско социјалната унија (ЦСУ), по „тешка битка“ е постигнат компромис за миграцијата, кој предвидува изградба на транзитни центри на границата на Германија со Австрија.
Според Меркел, договорено е од тие центри мигрантите ќе бидат вратени во земјите во кои претходно биле регистрирани.
– Со тоа е зачуван духот на партнерство во Европската унија – изјави таа, додавајќи дека истовремено ќе бидат преземени национални мерки, со цел подобро да се управува со миграцијата.
Лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер исто така потврди дека е постигнат договор за „илегална миграција“ и додаде дека останува министер за внатрешни работи на Германија.
– По интензивни разговори постигнавме договор за тоа како можеме во иднина да спречиме илегална имиграција на границата меѓу Германија и Австрија – рече Зехофер по синоќешната средба со Меркел во Берлин.
Тој претходно се закани со оставка на функциите министер за внатрешни работи и лидер на ЦСУ, ако Меркел не прифати контрола на границата, што би опфатило и враќање на некои мигранти од германската граница.