Рускиот претседател Владимир Путин често е прашуван од новинарите за „мешањето на неговата влада во последните претседателски избори во САД“. Тој има навика да одговара на таквите прашања користејќи комбинација од негирања и контраобвиненија. Од друга страна, голем број владини претставници во Киев, Брисел и во Лондон сметаат дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) честопати се меша во изборите на другите држави. Има ли аргументи за ваквите тврдења? Постојат ли докажани примери дека големите сили преку своите безбедносно-разузнавачки служби навистина активно се вклучуваат во изборните процеси на странските земји каде што имаат свој интерес? Во анализата на Дејвид Шимер, публикувана во весникот „Форин аферс“, низ примери од поновата историја, се одговорени многу прашања на оваа тема

Фељтон

Современа историја на специјалните тајни акции на моќните разузнавачки служби (2)

„Раката“ на ЦИА остана скриена. Две децении подоцна, нејзините сега веќе пензионирани разузнавачи изразија увереност дека нивните активности се покажале клучни за симнувањето од власт на Милошевиќ. Се спомнуваа „успехот на операцијата“, „позитивниот исход“ и „улогата на САД што направи голема разлика“. Сепак, и покрај сите тајни операции за влијание врз гласачите, ЦИА не можеше да го процени својот конкретен придонес.

Мерливи ли се влијанијата на разузнавачките служби врз изборите?

„Тешко е да се измери“, призна Сифер, додавајќи дека дискретно и зад затворени врати, српските владини претставници им се заблагодариле за помошта. „Многу од клучните личности што застанаа на високи позиции во новата влада продолжија да се среќаваат со нас, изјавувајќи дека токму нашите напори ги довеле до успех – значи, секаков вид помош, од рекламирање, преку финансирање и на крајот до значаен советодавен ангажман за кампањата“.
За време на интервјуата, повеќето високи владини функционери се чувствуваа непријатно при секое спомнување на улогата на ЦИА во поразот на Милошевиќ. „Знам нешто за тоа, но не можам да зборувам на темава“, изјави Џон Меклафлин, кој во 2000 г. беше заменик-директор на ЦИА. Нелагодноста беше логична: мешањето на ЦИА во српските избори не беше карактеристично за нејзиниот начин на оперирање во периодот по Студената војна. На крајот на краиштата, колку често гледате симнување од власта на еден злосторник само со помош на гласачко ливче?

„За Вашингтон, изборната манипулација беше последната алатка што можеше да се искористи“, додаде Вајз, „а српскиот случај беше голем исклучок, делумно поради суровоста на Милошевиќ, делумно поради приемливата, доверлива и симпатична природа на опозицијата. Во вакви случаи, целта ги оправдува средствата, ризикот е само во тоа што правите нешто што не личи на Америка, барем каква што некои ја гледаат. Но сѐ на сѐ, крајниот резултат од вашата активност е одличен – геноцидниот манијак не е повеќе на власт“, заклучи Вајз. Кога го прашав Клинтон зошто беше потребна тајната операција на ЦИА во Србија, тој одговори многу едноставно: „Постои праг на смртта, а Милошевиќ го пречекори“.

ЦИА е надвор од играта

Во 2004 година, претседателот на САД, Џорџ В. Буш, беше на работ да овласти реализација на уште една операција од ваков вид. Приказната се расплетуваше во собата за конференции во Белата куќа, каде што, во текот на летото и есента, службениците на Националната безбедност одмеруваа веќе виден предлог: вклучување на ЦИА во тајна операција за изборно мешање. Овој пат, оперативната цел требаше да биде Ирак.
Во март 2003 г., САД го нападнаа Ирак за да го отстранат тамошниот долгогодишен диктатор Садам Хусеин и да го запленат оружјето за масовно уништување што тој наводно го имал. Владата на Хусеин падна за неколку недели, но оружје од таков вид не беше пронајдено. Трудејќи се да најде оправдување за војната, Буш го обнови своето ветување дека ќе го трансформира ирачкиот политички систем. Кон крајот на 2003 г., тој изјави дека „ирачката демократија ќе победи“.

– Во тоа, време, за американската влада беше исклучително важно да се одржат фер и слободни избори во Ирак, затоа што тоа ќе ја оправдаше инвазијата. Откако не најдовме оружје за масовно уништување, бевме очајни да се оправдаме себеси, па најмалку што можевме да направиме беше да креираме демократија во таа земја – изјави Артуро Муњоз, тогашен висок оперативец во ЦИА.
Американските организации за промовирање демократија испратија најразлични ресурси за помош во Ирак. Особено се истакнаа Меѓународниот републикански институт и Националниот демократски институт, кои започнаа со амбициозни програми – материјали за едукација на гласачкото тело, обуки за партиските функционери и организација на политички дебати за поттик на одзивот. Но, сепак, крајната цел на секои избори е гласачите да го одредат правецот во кој ќе се движи нивната држава. Во таа смисла, Буш се соочи со проблем: разузнавачките извештаи индицираа дека неговиот фаворит, кандидатот Ајад Алави, ќе претрпи пораз на првите парламентарни избори во Ирак, закажани за јануари 2005 година.

Американските разузнавачки служби веруваа дека Иран манипулира со ирачките избори во полза на конкурентите на Алави. „Се разбира дека Иран беше вмешан“, рече Меклафлин, „а и зошто не би бил? Тие се први соседи, имаа можности и беа блиски со одредени личности од ирачкото раководство.“ Вајз беше распореден во Ирак уште пред изборите, а неколку години подоцна, тој стана шеф на ирачкото седиште на ЦИА. Опишувајќи го мешањето на Иран во изборите на соседот како многу опсежно и разновидно, тој спомна парична помош, голем број активисти, закани, уцени и паравоено присуство.

Вклучување на ЦИА во изборниот процес

Буш и неговите советници дебатираа за тоа дали треба да се одговори со тајни операции. Џон Негропонте, тогашен американски амбасадор во Ирак, редовно од Багдад учествуваше на телеконференциските состаноци, кои имаа само една точка на агендата: вмешувањето од страна на ЦИА во ирачките избори. Негропонте ми кажа дека многу сериозно размислувале за ситуацијата и дека тој лично бил отворен за можноста од вклучување на ЦИА во изборниот процес.
Договорите веќе беа дојдени до сериозна фаза кога Белата куќа го извести раководството на Конгресот за своите планови. „Се сметаше дека постои можност да се вклучиме на еден начин што би можел да обезбеди повеќе или помалку загарантиран исход“, рече Том Дашл, тогашен лидер на малцинството во американскиот Сенат.
Официјалните лица што ги интервјуирав не можеа да се сетат, или пак не сакаа да споделуваат информации, на оперативните податоци од планот на ЦИА, иако Дашл ми кажа дека во него имало голем број активности за кои се мислело дека се непрепорачливи и непријатни.

До почетокот на есента 2004 г., ЦИА се подготвуваше за акција, а Алави очекуваше да добие прикриена помош. „Првичниот став на САД беше дека ќе ги поддржат умерените сили, финансиски и преку медиумите“, изјави тој во 2007 г. „А потоа, сосема неочекувано, оваа асистенција беше стопирана под изговор дека САД не сакаат да се мешаат“, додаде Алави.
Во рамките на ЦИА, Конгресот и Белата куќа беше формиран еден неочекуван сојуз на официјални лица, кои се обединија против американското мешање во изборите во Ирак. Негропонте се присети дека претставниците на ЦИА најмалку сакале да се вклучат во оваа операција, сметајќи дека, во случај таа да се открие, ЦИА би можела да биде изложена на остри критики. Смеејќи се, Меклафлин рече дека не би им противречел на спомените на Негропонте. „Конечно, изведовме инвазија на земјата за да ја направиме демократска. Зарем потоа немаше да биде многу лицемерно да го поткопаме нивниот изборен процес?“

Зборувајќи воопштено, Муњоз рече: „Ако ги уништите изборите и тоа се дознае (а нештата често излегуваат во јавност), тогаш муабетите дека некој победил затоа што ЦИА го направила ова или она ќе значат крај за целата надворешнополитичка авантура во која сте се впуштиле.“
И лидерите во Конгресот се спротивставија на планот. Според Дашл, постоеја два главни аргументи против тајната операција. Првиот се однесуваше на перцепцијата – колку ужасно би изгледало тоа ако се открие. Вториот беше нормативен – Студената војна одамна беше завршена, не беше веќе соодветно да го правиме она што го правевме 20 години порано, ниту пак ќе одговараше на сликата што треба да ги претставува САД пред светот.

Пелоси била многу гласна

Дашл се сеќава дека неговата колешка од Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, била многу гласна во своите коментари против планот. Наводно, таа нашла сојузник во Кондолиза Рајс, тогашната советничка за национална безбедност. „Додека ја слушав дебатата, сфатив дека едноставно не вреди, зашто луѓето не сакаа да го направат тоа. Затоа ја отфрливме идејата“, изјави Дашл.
Во обидот за градење демократија, Буш не беше подготвен да интервенира тајно во демократските избори на Ирак.
– Бев вклучен во многу тајни активности и одлуки. Секогаш треба да се запрашате себеси кои би биле несаканите последици од она што предлагате или планирате да го направите – заклучи Меклафлин.
Планот на ЦИА беше откажан. Во јануари 2005 г., коалицијата на Алави беше убедливо поразена на избори што беа нестабилни и „зачинети“ со терористички акции. Власта тогаш ја презеде коалицијата, која одржуваше блиски врски со Техеран.

Од анализата на Дејвид Шимер
за „Форин аферс“

(продолжува)