Најмалку 18 лица загинаа, а 20 се повредени денеска во самоубиствен напад на пазар во авганистанскиот град Џалалабад, во провинцијата Нангархар, соопштија здравствените власти.
Според некои западни медиуми, во нападот загинале 12 луѓе.
– Некои од жртвите се припадници на малцинството Сики, кои се наоѓале во минибус, кој бил мета на нападот – изјави портпаролот на гувернерот на провинцијата Атаулах Хугијани, додавајќи дека многу дуќани на пазарот се во пламен.
Експлозијата се случила само неколку часа откако претседателот на Авганистан, Ашраф Гани отворил болница во тој град. Група од малцинската заедница на Индуси и Сики, која живее во овој реон и е соочена со долгогодишна дискриминација, имала планирана средба со претседателот.
Засега никој нема преземено одговорност за нападот, но во провинцијата дејствуваат талибанци и припадници на џихадистичката група Исламска држава.