Две лица кои биле заболени од ковид-19 починаа вчера во Црна Гора и тоа се првите жртви на вториот бран од епидемијата на коронавирус во земјата, што започна пред две недели со внесување на инфекцијата од соседна Србија.
Во моментов, вирусот ковид-19 е потврден кај 157 лица во Црна Гора, објави Националното координативно тело за заразни болести, кое соопшти дека жали што данокот го зема вирус кој неодамна бил повторно внесен во земјата од регионот.
Вирусот се појави во Црна Гора кон средината на јуни, откако скоро месец и половина немаше пријавени случаи, а како што тврдат здравствените власти, повторно го донеле црногорски граѓани кои биле на фудбалскиот натпревар помеѓу Партизан и Црвена ѕвезда во Белград една недела порано, а на кој присуствуваа околу 25.000 навивачи.
На 1 јуни Црна Гора одлучи да ги отвори своите граници за сите земји во кои има по 25 активни случаи на 100.000 жители, меѓутоа, како што беше соопштено од црногорската влада во неделата, во иднина по однос на ова прашање земјата ќе ја следи политиката на ЕУ, која за почетокот на јули најави поголемо отворање на границите.
Поради ширењето на коронавирусот во втор бран, црногорските власти забранија верски и политички собири и на отворено, додека во Рожаје, град во северна Црна Гора, на сила се поостри мерки, слични на оние од врвот на првиот бран на епидемијата, кога во Црна Гора се заразија 324 лица, а осуммина починаа.